Сопственикот на Лестер се наоѓал во урнатиот хеликоптер

Сопственикот на фудбалскиот клуб Лестер, Вичаи Шриваданапраба, се наоѓал во хеликоптерот што синоќа се урна веднаш по полетувањето од стадионот „Кинг Пауер“ непосредно по натпреварот меѓу неговиот тим и Вест Хем, објави Би-Би-Си, повикувајќи се на извори од семејството на тајландскиот милијардер.

За Шриваданапраба вообичаена пракса била да доаѓа и да си оди од натпреварите на неговиот клуб со хеликоптер. Според очевидци иако хеликоптерот без проблеми полетал, леталото набргу потоа почнало да паѓа и при ударот на земјата веднаш се запалило.Врз основа на првичните информации хеликоптерот имал проблеми со задниот ротор. Властите најавија дека денеска ќе соопштат детални податоци за инцидентот и за бројот на преживеани и загинати.

По целата драма се јави и легендарниот англиски фудбалер Гери Линекер, кој водеше емисија на Би-Би-Си за синоќешниот инцидент. „Ова беше најтешката емисија, која сум ја водел во животот. Моите мисли се сите во Лестер. Страшна трагедија. Срцето ми е скршено“, порача Линекер на Твитер.