Советникот на Пленковиќ си замина поради Томпсон

Фудбалска треска што ја зафати Хрватска по освојувањето на вицешампионската титула на Светското првенство во Русија неочекувано зеде жртва во кабинетот на премиерот Андреј Пленковиќ. Крешимир Мацан, посебниот советник за стратешко комуницирање на претседателот на владата, мораше да даде оставка по обид да биде саркастичен на социјалните мрежи. Повод беше прославата на сребрениот медал во Загреб, на кој присуствуваа околу 550.000 навивачи на „коцкестите“. Спорно беше тоа што во отворениот автобус каде што се возеа хрватските репрезентативци, се најде место и за Марко Перковиќ-Томпсон, популарниот пејач, кој отворено кокетира со усташтвото, поради што му е забранет настап ширум европските земји. Неговата „Лијепа ли си“ е прифатена како навивачка химна, се пушта на сите натпревари кога Хрватска е домаќин и во неа се пее за убавините на земјата, па затоа и фудбалерите бараа тој да биде со нив на сцената. Сепак, спорни се некои други негови песни и изјави. Тоа го поттикна новинарот на шведското национално радио, Тончи Перчан, кој има хрватско потекло, на својот профил на „Твитер“ да забележи дека на прославата немало место за претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ и за премиерот Андреј Пленковиќ, но затоа имало место за Томпсон и за усташтвото.

Мене ова ми мириса на мек усташки државен удар“, напиша Перчан, тагирајќи ги селекторот Златко Далиќ, Хрватскиот фудбалски сојуз, претседателката, владата, како и Мацан.

…кој не успеа“, му одговори советникот на премиерот.

Медиумите го презедоа препукувањето, се поведе расправа, по што мораше да реагира и владата.

На личен профил на ‘Твитер’, иронично прокоментирав еден статус, чиј што не сум автор. Поради манипулации со мојот коментар, сакам да истакнам неколку работи: ниту сум ги прозвал селекторот и играчите, напротив, горд сум што таква грандиозна прослава помина без ниту еден инцидент и таквата слика на Хрватска отиде низ светот“, се правдаше Мацан.

Неколку часа подоцна, даде оставка. Тој не беше службеник на владата, туку надворешен соработник за месечна плата од 1.200 евра. (Г.А.)