Совети од македонски дизајнери: Што да облечете за Нова година

Новата година е уште една причина да блеснете со својот изглед и со празничното расположение. Да и дадете одишка на својата фантазија, да бидете поинакви од останатите 364 дена. Новата година е момент кога се кршат сите правила, кога сѐ е дозволено! Македонски дизајнери и еден топ-стилист ви даваат совети за најизглед во најлудата ноќ.

Антонија Ристовска

Долга тоалета или коктел фустан

За оние што ќе ја пречекаат Нова година во луксузен хотел, мојот предлог е да изберат долг фустан. Изборот на црвената боја е доволен за сите оние што сакаат да бидат впечатливи и во центарот на вниманието. За оваа ноќ некако е нормално да имате повеќе сјајни додатоци, впечатлива шминка.

За едноставен изглед, мојот предлог е небеснобежова варијанта на фустан со светликави детали. Секогаш сигурна варијанта е изборот на фустан во црна боја, независно дали е долг или кус. За романтичен допир на ноќта, најдобар избор е црниот фустан од тантела. За заводлив и секси изглед, мојот предлог е тесен фустан со печатен дезен со мотив на животинска кожа.

Ненад Секирарски

Гардероба која ги следи вашите движења

Вечерта ќе ви биде исполнета со многу смеа и играње со најблиските, па затоа гардеробата треба во секој момент да ги следи вашите движења. Женствената и елегантна форма во стилот на 50-тите, со нагласена половина и лелеаво волуменозно здолниште, е актуелна и оваа сезона, како и деталите од тантела, во духот на романтизмот. Комбинациите на црна со златна, сина со златна, како и црвена, се боите кои се хит и оваа сезона, и затоа ви ги препорачувам.

 

Лиле Корубин

Водете се од впечатокот што сакате да го оставите

За пречек на новогодишната ноќ, облечете се според приликата-каде одите, со кого и каков впечаток сакате да оставите.

Елегантен, софистициран, шик стил-тогаш изберете модел со чисти линии, но задржете се на деталите кои се мали, а постепено се откриваат.

Глам-тоа значи да облечете фустан со светки за кога ќе влезете, сите да ве забележат. Во тој случај, само еден детаљ: обетки и чист крој, можеби поголемо деколте или голи рамена.

Модерен стил-тоа подразбира фустан со јаки линии, кои се потенцирани со паспули и слично.

Романтичен стил-подрзабира розева или црвена тантела на бела основа.

Секси-гол грб и голема забава.

Ивана Кнез

Шик елеганција

Темни бои, јаки контрасти, многу насмевки и стејтмент накит. Направете хумано дело, ставете црвен кармин, облечете се со најмагичниот фустан и дочекајте ја 2018 на подиум со насмевка. Накитот треба да е личен, со јак израз на индивидуалност. Направете сѐ за да блеснете, привлечете магија.

Тања Кокев

Блескајте, но умерено

Новогодишниот аутфит е последниот за годината што поминува. Тоа значи дека треба да блескате, но умерено, прилагодено на атмосферата во која ја поминувате ноќта. Не претерувајте со шминка, заборавете го глитерот и невкусните фустани од кои болат очи. Својата најдобра варијанта ќе ја покажете само ако носите нешто што ви прилега, нешто што одговара на вашиот секојдневен стил.

Облечете коктел-фустан со интересен принт, удобни потпетици за да играте, понесете го со себе омилениот капут и уживајте во победите кои сте ги оствариле во минатите дванаесет месеци.

Лидија Георгиева

Секси женственост со андроген аутфит

Оваа година измина во знакот на афирмирање на позицијата на жените во општеството. Иако не би знаела да кажам зошто баш оваа година, но на сите форуми, платформи и приватни разговори, тоа беше доминантен разговор. Имав чест да ја презентирам Македонија на светската конференција во Букурешт, токму на оваа тема, а општиот заклучок е дека континуираната борба за еднаквост е далеку од завршена. Па сепак, било да е во бизнис секторот или на друго поле, секаде кадешто е потребно дипломатско решение со што помалку жртви, тогаш жената е најпосакуван фактор за интервенција.

Нашата средина неодамна беше во шок од една неумесна тнр. “кампања” за (односно против) жените кои од “премногу амбиција почнале да личат на мажи” и слични глупости, такашто мојот придонес на оваа тема годинава ќе биде во правец на истражување на секси женственост со андроген аутфит.

Дами (… и господа) бидете независни, градете го убавиот вкус. Визуелната култура, заедно со рафинираниот изглед и софистицираноста не се купува туку се стекнува.

Александар Билјановски-Дадар

Нежно и впечатливо

Еве го мојот предлог за новогодишни шминка и фризура во 5 чекори:

Беспрекорно исчистена и претходно професионално третирана кожа.

Течна пудра, која ќе биде сјајна и ќе направи лицето да изгледа поздраво и посвежо.

Нанесете нежнорозова сенка на целиот капак на очите, а кон надворешните агли-кафена. Нанесете црна сенка во тенка линија, блиску до трепките на горниот капак. Задолжително нанесете два слоја маскара.

Руменилото и карминот, исто така, нека бидат во слична нијанса, може и потемнорозова.

Навиткајте ја косата и потоа целата расчешлајте ја за делумно да се исправи и тргнете ја наназад за да ви се отвори лицето.Така би добиле малку на елеганција. Фиксирајте ја со спреј за коса.

Лејла Сабит