Собранието доби конечно (тројца) потпретседатели

Пратениците Фросина Ременски од СДСМ, Горан Мисовски од НСДП и Весел Мемеди од НДП положија предмалку свечена заклетва, откако владејачкото мнозинство успеа денеска да обезбеди кворум за нивниот избор за потпретседатели на парламентот.

Собранието доби потпретседатели дури 14 месеци по конституирањето на овој парламентарен состав, на крајот на 2016 година.

Иако неодамна беше донесена одлука со која се овозможува да бидат избрани пет потпретседатели, две места засега се празни и неизвесно е дали ВМРО-ДПМНЕ и Беса, како опозициски партии, ќе предложат свои пратеници за оваа функција.

По дваесет пратеници од владејачкото мнозинство ги кандидираа Ременски, Мисовски и Мемеди за потпретседатели, со што е, практично, заобиколена Комисијата за избори и именувања, која вообичаено ги утврдува предлозите за втората функција по важност во собраниската хиерархија.