Собранието го донесе Буџетот за наредната година

Собранието на Република Македонија во рамки на 26. седница попладнево со 62 гласа „за“ ниту еден против и воздржан го донесе Буџетот за 2018 година во кој вкупните приходи се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, Буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Во Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.

Во Буџетот за 2018 година за исплата на плати се проектирани 27,1 милијарда денари, каде се предвидени зголемувањето на платите за припадниците на АРМ за 10 отсто од јануари и за пет проценти зголемување на платите од октомври на здравствените работници и вработените во основните и средни училишта и градинките. За стоки и услуги проектирани се 17,6 милијарди денари, за социјални трансфери 98,8 милијарди денари, за правата од социјална заштита се планирани осум милијарди денари, каде се вклучени и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари, за капиталните инвестиции се издвоени 24,1 милијарда денари и тие се повисоки за 3,2 проценти од 2017 година. За здравствена заштита се плаирани 28,3 милијарди денари, за капитални инестиции се наменети 24,1 милијарда денари и се повисоки за 3,2 проценти во однос на 2017 година.

Буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари и 22,7 милијарди денари за отплата на стари долгови ќе бидат потребни 40,9 милијарди денари кои државата ќе ги обезбеди преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

На денешната седница на која Собранието расправаше и го донесе буџетот за 2018 година не присуствуваа патениците од ВМРО-ДПМНЕ.