Смарт-картичките за патарина ќе бидат бесплатни

Смарт-картичките за плаќање на наплатните рампи нема да се плаќаат, ќе можат да се надополнуваат преку интернет апликации, а ќе ги има на секој граничен премин, наплатна рампа или бензинска станица. Еден месец пред почетокот на електронската наплата на надоместокот за патарина, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека системот е подготвен да функционира на сите наплатни рампи на Коридорот 10.

Изградбата на рампата Романовце е целосно завршена, а системот е веќе инсталиран. На другите рампи на Коридорот 10, Петровец, Сопот, Отовица и Градско во завршна фаза се реконструкцијата и инсталирањето на системот за електронска наплата. Во прво време наплатата во готовина и со смарт- картичките ќе се одвива паралелно, но на различни ленти. За тие што ќе плаќаат во готовина ќе важат сегашните цени на патарина, а за оние што ќе плаќаат со картичка ќе има и попуст.

Целта, според директорот на јавното претпријатие, Зоран Китанов, е возачите и превозниците што побргу да ги увидат предностите на електронското плаќање и да се преориентираат кон употреба на картичките и микробрановите транспондери.

„Од следниот месец во употреба влегуваат припејд-картичките и таговите, наменети за камиони и други превозници. Пластичната картичка се набавува само еднаш и потоа само ќе се надополнува. Нема да се купува, туку ќе чини онолку колку што ќе има кредит на неа. Постпејд-картичките ќе стартуваат од есен“, вели Китанов.

Опцијата за бесконтактно плаќање со тагови на превозниците ќе им биде на располагање од идниот месец. Ќе функционира со специјални лепенки со сериски број, кои ќе се ставаат на предното ветробранско стакло. Системот на рампата, како што ќе се приближи возилото, од далечина ќе го отчитува бројот и автоматски ќе ја отвори рампата. Таговите ќе се продаваат по цена од 1.000 до 1.200 денари, а ќе имаат важност од седум години.

„Целта на воведувањето на системот е намалување на чекањето и застоите кои се создаваат на рампите, особено во одредени делови од годината, како што е летниот период. Поради тоа, додека важи паралелното плаќање, постепено ќе воведеме со готовина да се плаќа само на една рампа, за да увидат возачите каква предност е електронското плаќање. Во иднина, во план е на секоја рампа да има една лента само за возила со тагови, што значи дека превозниците нема да мора воопшто да чекаат“, вели Китанов.

Тој објаснува дека системот предвидува и софтвер за надополнување на картичките и од дома. Освен на граница, на рампа или на бензинска пумпа, колку пари има на картичката ќе се проверува и преку апликација за мобилен. Инвестицијата за автоматизацијата на наплатните рампи чини 17,8 милиони евра, од кои 15 милиони евра беа обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а остатокот од буџетот. Проектот го реализираше турската компанија „Аселсан“. По Коридорот 10, автоматизација на рампите се планира и на Коридорот 8.

Сања Наумовска