Словенија со грантови ќе го помага локалниот развој во Македонија

Република Словенија ќе го помага домашниот локален развој преку грантови и инвестиции во проекти за питка вода и за отпадни води, што ќе бидат значајни за општините и жителите во внатрешноста во Македонија. Ова е договорено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец.

На средбата, како што информира, владината прес-служба, амбасадорот Јазбец пренел оценка дека се чувствуваат позитивните промени во Република Македонија. Јазбец му честитал на премиерот Заев за ефектите од засилената дипломатска активност што, како што се наведува, ги отвораат перспективите на државата кон ЕУ и НАТО, но и за економски развој и квалитетен живот на граѓаните на Македонија.

Амбасадорот Јазбец го пренел интересот на словенечката Влада и на словенечки фирми за учество во вакви инвестиции, што се разгледува да се реализираат и со вклучување на Владата на Македонија, на општините и на приватни домашни ресурси, согласно потребите.

Заев и Јазбец констатирале дека се создадени услови за интензивирање на искреното и многугодишно пријателство што го имаат двете држави.

На средбата се разговарало и за политичката клима во двете држави и за претстојната официјална посета на словенечкиот премиер Миро Церар на Република Македонија.