„Скршнување“ – холандски роман инспириран од поезијата на Емили Дикинсон
Издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Холандскиот литературен фонд го објави романот „Скршнување“ од холандскиот писател Гербранд Бакер. Романот е инспириран од поезијата на Емили Дикинсон. Англискиот превод во 2013 година освоил Награда за независна странска книжевна фикција. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.
– „Скршнување“ е приказна за потрагата по себе и за природата на болката. Романот на Бакер освојува со својата заводлива атмосфера на осаменост и закана и со приказната полна со искрено сочувство и со ретка убавина. Кристалната прецизност и привидната едноставност на ова дело од еден од најзначајните европски писатели на својата генерација кријат гејзир од силни емоции, соопшти „Антолог“.
Гербранд Бакер (1962) е холандски писател. Студирал холандски јазик и литература. Работел како титлувач на природонаучни филмови пред да стане градинар. Неговите рани дела биле книги за деца и млади. За својот прв роман за возрасни ја добил наградата за најпродавано книжевно деби.