Скопје престолнина на ѓубре

 

Ако се суди по бројот на регистрирани диви депонии во градов, јавната хигиена во Скопје е под сите критериуми. За само 10 дена, откако градските власти побараа соработка од граѓаните за регистрирање на депонии, на нивна адреса стасале 130 пријави. Ги имало од сите делови на градот. Купишта ѓубре, но и кабаст отпад и градежен шут биле пријавени од речиси сите населби. Расчистување на депониите допрва ќе почне.

„Екипите веднаш не излегоа на терен бидејќи немаше соодветни услови за работа. Очекуваме чистењето да почне од утре бидејќи временската прогноза ни е во прилог. Ќе се чисти по динамика и програма утврдена од ангажираните екипи од јавните претпријатија“, изјавија вчера од Град Скопје за „Независен весник“. Не посочија од кои делови на градот имало најмногу пријави, туку генерално, рекоа, дека депонии имало низ сите населби. Од Градот додадоа дека и натаму е отворена можноста за пријавувањето депонии.

Секој оној што ќе забележи фрлени купишта ѓубре на тротоар, на зелена површина и слично, може да побара интервенција од Град Скопје. Дивите депонии можат да се пријавуваат на бројот 070 270 557 на кој преку апликацијата „Вибер“ треба да се испрати фотографија и локација на депонијата, а интервенција може да се побара и преку испраќање порака на официјалната фејсбук-страница на Град Скопје.

Ги повикуваме нашите сограѓани да придонесат во акцијата и да ни помогнат да ги лоцираме дивите депонии во градот. Сакам да ја искористам оваа пригода и да ги повикам сите општествено одговорни компании и институции да ни се приклучат и да ни помогнат со својата механизација за почисто Скопје, бидејќи Скопје е заеднички дом и треба заедно да го чуваме“, изјавија претходно градските власти промовирајќи ја акцијата. Тогаш посочија дека оваа акција е дел од планираното генерално пролетно чистење на Скопје кое треба да стартува деновиве. Меѓудругото, во генералката е планирано миење на градските улици.

Акцијата ќе ја реализираат екипи на „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ со своите работници и расположливата механизација.

Градските власти изминатата есен организираа акција за чистење на јавните површини и тогаш беа собрани и отстранети над 3.000 кубни метри смет.

„Со мотив и идеја градот да биде почист, наша цел е ваквите акции да станат редовна пракса одржувајќи ги улиците постојано чисти во град без диви и нови депонии“, нагласија од Градот.

Пријавете дупка на улица во Карпош и во Центар

Општинските власти од Карпош и Аеродром, исто така, бараат соработка од граѓаните, но за пријавување дупки. Карпошовци можат да пријават дупка на коловоз на електронската адреса: kontakt@karpos.gov.mk, како и на социјалните мрежи на профилите на Општина Карпош на Фејсбук, Твитер и на Инстаграм.

„Поради поголема успешност на оваа акција, ги повикуваме граѓаните уредно (со наведување на точната локација и број на улицата) да пријават ударни дупки на територија на Карпош“, велат од Општината.

Практично, со ова ќе започне акцијата за санација на оштетените улици во Карпош. Во изминатиот период, комуналните служби на локалната самоуправа, евидентирале повеќе точки на чии локации постојат видливи оштетувања на инфраструктурата кои веднаш ќе бидат асфалтирани. Оваа иницијатива, велат од Карпош, Општината ја презема со цел да се овозможи безбедно движење на граѓаните, велосипедите и моторните возила.

И во Центар веќе се санираат ударните дупки на улици, а во меѓувреме и граѓаните можат да пријават дупка на телефонскиот број 076-496-944.

Деспина Трајковска-Димова