Скопје како главен град на дипломатијата

Секоја поединечна одлука за бојкот на референдумот е бојкот на иднината на државата и на демократијата“, констатираа на вчерашната средба во Скопје британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан и премиерот Зоран Заев. Данкан изразил поддршка за успешен референдум, како демократски начин на израз на граѓанската волја, како и за процесот на интеграции на Македонија и охрабрување за земјава да ги оствари стратегиските цели. Тој додаде дека тоа е важно за Македонија, но и за целиот регион. Премиерот Заев, пак, изразил уверување дека мнозинството граѓани ќе излезат и гласаат за евроатлантската иднина на земјата.

Огромно мнозинство граѓани се за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, затоа што тоа ќе донесе стабилност и безбедност во државата и европски животен стандард. Јас сум уверен дека тоа ќе се преслика на претстојното гласање за референдумот. Очекувам сите политички субјекти во државата и поединци да најдат сила и дека ќе се издигнат над политичките интереси и ќе одговорат на обврската да се изјаснат на референдумот, во овој историски момент за иднината на државата“, рече премиерот Заев.

Гостинот од Британија не беше единствен дипломат од западните земји кој вчера ја посети Македонија. И еврокомесарот за проширување Јоханес Хан имаше средба со претседателот на македонската Влада. Тој, меѓу другото, им порача на младите да се информираат, да го искористат демократското право на глас и слободен избор и да одлучат за можностите што им се нудат.

На 30 септември имате единствена можност да ја определите својата иднина. Тоа е можност што се нуди еднаш во животот. Одлуката ќе има влијание врз граѓаните, нивните деца и на идните генерации кои сè уште не се ни родени. Референдумот е уникатна можност да се донесе важна одлука со далекосежни последици“, нагласи Хан.

Ред во Владата чекаше и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, кој се сретна со министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски. Дезир, кој беше во придружба на новоименуваниот шеф на мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која, покажал посебен интерес кон постапката за донесување на новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, потоа за прашањето на статусот на онлајн медиумите во медиумската регулатива, како и за мерките за заштита од лажните вести.

Попладнето на скопскиот аеродром пристигна и шефот на германската дипломатија Хајко Мас, кој вели дека не можел да замисли подобар момент за посета алудирајќи на историскиот потпис на договорот за името што го потпишаа владите во Скопје и во Атина.

Од распишувањето на референдумот, вака изгледа еден вообичаен ден на македонската политичка сцена. Во земјава продефилираа десетици политичари од врвен ков поради што се коментира дека Скопје станал главен град на европската и на светската дипломатија. Тука беа генералниот секретар на НАТО, германската канцеларка, американскиот секретар за одбрана, премиери и министри во владите на најсилните европски земји…

Првичното воодушевување од посетите на високите странски гости полека е потиснато од заморот поради набиената агенда, медиумите со тешки маки ја следат инфлацијата од изјави, а граѓаните како да стануваат рамнодушни кон идентичните пораки што доаѓаат: гласајте ако сакате иднина и просперитет, оти во спротивно…

Не мислам дека темата за референдумот спласнува или добива на рамнодушност. Напротив, тој и натаму е главна тема во маркетите, на пазарите, на улиците… Сите коментираат за тоа. И мислам дека толкавиот број посети на угледни политичари однадвор и тоа како влијае врз онаа популација која сè уште се двоуми дали да излезе да гласа. Кога се добива толку силен кредибилитет од дипломати од најмоќните земји чии посети порано беа мисловна именка, како што е Ангела Меркел, на пример, секако дека е добар аргумент при сфаќањето дека не сме сами во ова. Референдумот и целокупниот договор не е само влог на Македонија, туку и на целата Европска унија и на САД. Неуспех на референдумот ќе биде и нивен неуспех. Затоа е видлива нивната раздвиженост и посветеност“, анализира ПР-експертот Игор Атанасов.

Тој препознава нелогичност во начинот на кој се одвива кампањата, односно што се мешаат изборната и референдумската агенда.

Многу малку се дебатира за самиот договор или за ЕУ и НАТО, придобивките и последиците од членството во нив, туку за дневно-политички настани или, на пример, што направил Заев за една година владеење. Жалосно е што ниту опозицијата ниту власта не се потруди да им покаже на своите избирачи дека не станува збор за избор меѓу политички партии“, потенцира Атанасов.

Тој вели дека ниту кампањата ниту посетите на странските дипломати не се толку здодевни и проблематични во моментов, колку што е мртвилото во останатите процеси и сфери во општеството и пред сè во бизнисот, кои чекаат да заврши референдумот, па да продолжат со живот.

Горан Адамовски