Скопјанец лажно се претставувал како адвокат и полицаец
Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицата триесет и тригодишен скопјанец за измама.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека против П.К.(33) од Скопје постои основано сомнение дека извршил четири кривични дела -“измама“, предвидено и казниво согласно член 247 од КЗ на РМ, и В.Б.(39) од Скопје поради основано сомнение дека извршил исто така четири кривични дела “помагање“ по член 24 став 2 од КЗ на Република Македонија. Притоа, со сторените кривични дела пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 425.800 денари.
Во периодот од март минатата година до јануари оваа година, првопријавениот претставувајќи се како адвокат пред четири оштетени лица, сите негови познаници (а со тројца од нив и во роднинска врска), им ветил дека ќе им помогне во разрешување на имотно-правни спорови. За услугите во повеќе наврати им побарувал и добивал од оштетените, парични средства кои наводно ги употребувал во постапките. Нивните комуникации траеле некое време по што П.К. престанувал да го користи телефонскиот број со кој комуницирал со оштетените.
Второпријавениот, пак, инаку вработен како полициски службеник во МВР, му помагал на П.К. во извршувањето на кривичните дела. Така, според документираните сознанија, В.Б. пред оштетените кои, исто така, му биле познаници, го претставувал првопријавениот како добар адвокат и им ветувал дека споровите кои ги имаат ќе им ги заврши во нивна корист.
На 25-ти овој месец П.К. е лишен од слобода и по насока на Јавен обвинител е задржан, додека наредниот ден на 26-ти од слобода е лишен и В.Б., и предаден на судија на претходна постапка.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР по донесеното решение од страна на ОС – Скопје против полицискиот службеник В.Б. е поведена дисциплинска постапка.