„Скопско лето“: Изложба инспирирана од играчките и роботите

„Играчки и роботи во книгите на уметниците – пергамент концертина“ е насловена изложбата која вечер од 20 часот во рамки на „Скопско лето“ ќе биде отворена во НЛБ Галерија. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ја организира во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Авторка на изложбата е Лепосава Милошевиќ-Сибиновиќ, академски скулптор и сликар од Србија, за која играчките и роботите се ликовна инспирација. Учесници во проектот се уметници од Србија, Македонија, Франција, Мексико, Шпанија, Унгарија, Бугарија, Ерменија, Куба, Хрватска, Канада, Русија.

Според авторката, човековата потреба за играње е стара колку и човекот и е поврзана со разни предмети – од едноставни, пронајдени во животната средина, до комплексни современи електронски уреди. Играчките се неразделен предмет при растењето, но се и културен показател за времето во кое биле (постоеле) или се  уште се актуелни.