Скопските таксисти: Пензионирани полицајци ни го јадат лебот

Скопските таксисти денеска излегоа со податок дека голем број пензионирани полицајци работат како превозници во оваа дејност и на тој начин им го скусуваат прометот, а не плаќаат придонеси.
Надвор низ улиците на Скопје има повеќе од 5.000 таксисти, иако Градот Скопје има издадено само 2.400 лиценци, велат од таму.
Организацијата вели дека најголем број такви возачи на такси се пензионирани полициски службеници и воени лица, кои имаат високи пензии и дополнително заработуваат на сметка на државата, бидејќи не плаќаат придонеси, информираше Сашо Рајчановски, претседател на групацијата за автотакси-превоз.
„Меѓу нив има пензионери кои возат такси, а најголем проблем се пензионираните полицајците, кои не се казнуваат бидејќи колега на колега не пишува казна. На станиците кај Бит-пазар, Клинички центар и Транспортен центар, услугите се наплаќаат трипати повеќе и го уништуваат угледот на такси-превозот. Има закони, има одлука на Град Скопје, има правилник со кој е регулиран такси-превозот, но тоа во пракса не функционира. Затоа ги повикуваме надлежните институции и инспекциим да излезат на терен бидејќи знаеме дека ако се има волја, за 10 дена може да се реши хаосот со такси-превозот“, изјави Рајчановски.
Неодамна таксистите имале средба со градоначалникот Петре Шилегов и тој им ветил решение со воведување комунална полиција, но според Рајчановски, со ова не се решава, туку се одлага проблемот.
Пред две недели претставници на таксистите беа на средба и со премиерот Заев и таму ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат, но велат не се потребни средби и ветувања, потребно е дејствување.