Скомина ги признал грешките на сметка на Рома

Словенечкиот судија Дамир Скомина е мета на фудбалската јавност низ светот (веројатно со исклучок на англиската) откако не досуди два пенали за Рома, а пропушти и да исклучи барем еден фудбалер на Ливерпул на вчерашниот полуфинален меч од Лигата на шампионите, по кој премиерлигашот обезбеди натпревар за титулата со Реал Мадрид. Италијанските медиуми „вриштат“ за нова фудбалска кражба и прашуваат до кога, алудирајќи и на спорниот триумф на „кралевите“ врз Јувентус. Според информациите што ги објавуваат, откако по натпреварот видел што направил, Скомина со часови седел во соблекувалната и ги признал грешките. Од друга страна, фудбалерот на Ливерпул, Ван Дајк, кој во средината на второто полувреме спречи чист гол за Рома, играјќи со рака, не сакаше да го признае тоа што го виде целиот свет, па порача оти никому не му е гајле каква била судиската одлука, а единствено важно е дека неговиот им обезбедил пласман во финалето. Римјаните забележаа пирова победа со 4-2, Англичаните одат понатаму поради победата со 5-2 во првиот меч.