Скандал во Хрватска: Трговски синџир продавал „опиздилица“, средство за сексуална едукација на жените (ФОТО)

Од полиците на хрватската продавница „Офертисима“ е повлечен производот „опиздилица“, направа за сексуална едукација на жените – дрвена штица со меко јастуче на едниот крај наменета за „дисциплинирање на жените“ со јасни инструкции за употреба: Ако само лежи како клада – опизди 1X; ако одбие да го бакне „господинот“ – 3X; Ако мириса на рибарница – опизди 5X – и испрати ја да се искапи; ако повторно ја „боли главата“ – удирај додека навистина не почне да ја боли.

Менаџментот на синџирот веднаш реагираше откако се откри дека во продавници се продава сексистички производ кој е навредлив за жените.

– Во моментов ги повлекуваме сите производи од нашите полици од овој снабдувач – потврди Данијела Цигиќ, член на управниот одбор на „Офертисима“.

Производителот на овие производи е фирмата „Камелија“ од Крижевци, а сопственикот Здравко Петринец е мошне резигниран во врска со неговите „хумористични производи“, како што тој ги нарекува.

– Не сакав да навредувам никого, тоа е чист хумор. Имаме хумористични производи и за жени и за мажи: имаме „мажомлат“ и „меропенис“, средства за припитомување на мажот… Таквите подароци произведуваме веќе 17-18 години и досега немало никаков проблем. Не знам што да кажам, ми се чини дека во нашата земја повеќе не се дозволени шеги и хумор – вели Петринец. Производите, вели тој, се продаваат и во други малопродажни синџири и на други места, а добар дел од асортиманот се продава и во Германија.

– Сите наши производи ги имаме и со преводи на германски јазик. Во Германија нема проблем и никогаш не сме биле обвинети за сексизам – вели Петринец.

„Иако Петринец тврди дека се работи за хумор, сексистичките „шеги“ ги понижуваат и ги навредуваат жените. Тие ги нагласуваат родовите стереотипи и често го оправдуваат насилството врз жените“, предупредува Сања Цезар, од Центарот за едукација и истражување (ЦЕСИ), организација која се залага за подобрување на социјалната положба на жените и постигнување родова еднаквост.