Ситна и крупна корупција
Ерол Ризаов
Кога почнува првата корупција на Балканот и на сиот прекрасен Ориент? Одговорот веројатно ќе ве изненади, ама брзо ќе се уверите дека сите сме соучесници во изградба на болно општество. Во нашата толку сакана Македонија корупцијата почнува со задолжителна инфекција од митоманијата пред да се роди детето, идниот граѓанин. Тоа е толку нормално што таканаречената ситна корупција станува знак на почит, напојница како благодарност, мал бакшиш. Никаков грев не е веднаш, во кое било време, ургентно да го побарате директорот на клиниката, да изберете доктор, акушерка, сѐ што треба. Се разбира, по доаѓањето на свет на неговото, нејзиното, величество малку виски и чоколади, 200 грама кафе, во зависност од вашиот статус може и една уметничка слика, тоа е непишано правило, свет обичај, ако го скрнавиш ќе бидеш одвратна циција, стипса, тамаќар, класичен саможивник, идиот, тутун-ќесе…. кој замислете каков притисок изврши, ја крена цела болница на нозе, а ни кафе не почести. Страшно.
Следуваат јаслите. И тука ништо не се остава на случајност. Која градинка, кој педагог, која негувателка, мора да се преземат сериозни активности за бебето да добие ВИП-третман. Па, тоа бебенце, ви се молам, не е најдено на улица, воопшто не е срамота за него да се бара екстра посебна грижа. Се разбира, и ние нема да останеме должни. Никогаш не забораваме да посветиме едно мало внимание кон луѓето што се грижат за нашето детенце. И така стасуваме до училиште, каде што децата веќе се добро упатени дека пофалбите и петките се делат често по некои разбирливи критериуми, кога незнаењето вреди повеќе од знаењето.
И сѐ така си врвиме низ животот и низ училиштата, до високото образование, до завршување на факултетите, до вработување, до напредување на работните места, до почнување на бизнис, отворање дуќан, до чекање пред шалтер, до одење на суд во потрага по правда, до пензионирање. И на крај, откако ќе отпатувате на оној свет, вашите наследници ќе мора малку да тутнат во џебовите на тие што ќе ви читаат молитва за среќен пат до рајот. Амин.
Тоа е таа ситна корупција која е обичајно право и без која не функционира ни системот, па ни семејството. Потсетете се колку пати сте ги подмитиле сопствените деца. Да, тешко е тоа да се препознае кога кај нас се смета за родителска грижа, по секоја цена да се потурнат напред, да не се мачат децата бадијала.
Во болното општество крупната корупција има широк избор за регрутирање кадри. Право изобилие, цел расадник од луѓе што ептен лесно ја совладуваат дисциплината како од бакшишот се прави рушвет, како малото внимание во знак на благодарност прераснува во голема бизнис-зделка кога на пазарот, во убавите кабинети, со добри зборови и со фер пазарење купувате политичари, полицајци, новинари, судии, обвинители, вештаци, професори, доктори, директори, службеници, сѐ што може да донесе добра заработувачка од која сите се задоволни, и тие што корумпираат и тие што се корумпирани. Што има лошо кога сите добиваат. Тоа е најисплатливиот бизнис во Македонија. И она што е посебно важно, овие луѓе се сметаа и сѐ уште се сметаат за паметни, успешни, демек алал вера ги бива за сѐ. Знаат да направат пари, што и да фатат претвораат во злато. Невидени таленти.
Големите босови во матните бизниси корумпираат влади, премиери, министри, парламенти, полиција, судови, медиуми, антикорупциски комисии…. сѐ она што практично треба да ги заштити граѓаните од арамилак е подмитено и во служба на криминалците. Како тие брзо се богатат, така стотици луѓе уште побрзо осиромашуваат. Но тоа е само едната, помалку темна страна. Другата е ужас. Крупната корупција е моторот на организираниот криминал кој гради паралелен систем, а многу често и режим во кој мафијата е под заштита на државата, односно на тие што треба да ја бранат државата од криминалци. Така се уништуваат најзначајните институции на кои почива едно здраво општество. Каде и да пипнете ќе се соочите со метастазиран канцер кој го задушува целото општество. Стотици милиони евра годишно завршуваат кај трговците со смрт во здравството. Во школството и во целокупното образование дипломите и титулите имаат ценовник. Во судството се суди и се напредува според политичка и партиска подобност и послушност.
Во новинарството не треба многу да се истражува, доволно е да се прочита и слушне напишаното, бргу се ќе ви биде јасно. Секоја критика упатена до корумпираните власти и до центрите на моќ е придружена со сатанизација и прогласување непријатели, предавници и странски платеници. Човековите права и слободи, моралот и одговорноста се прогласуваат за обични глупости, кои ги проповедаат разни невладини, читај непријателски и шпионски организации кои работат против државните интереси и ги бранат носителите на организираниот криминал. Таков период на заробена држава Македонија преживеа, беше тоа цела ера на тортура и измачување од злосторнички здруженија во врвот на власта.
Кога сето тоа се откри и излезе на виделина пред целата јавност, требаше да поминат цели две години за одвај по демократски пат да падне режимот кој малку недостасуваше да добие „стогодишен мандат“.
И откако падна, требаше да помине уште една година за да почне ослободувањето на државата и да се одмотува судската правда. Да не беше крвавиот обид за државен удар на 27 април, прашање е дали ќе дојдеше до промена на власта.
Ете, затоа се силни реакциите и за ситната и за крупната корупција во ослободените медиуми. Така и треба да биде. Тоа е добра превентива. Криминалните монструми треба да се ликвидираат кога се во ембрионална фаза. Малите митомани стануваат главни шефови на крупната корупција и мафијашки босови. Но, имам впечаток дека вниманието на јавноста деновиве повеќе се насочува кон ситната корупција и грешките на актуелната власт што е многу добро, но прилично меко и незаинтересирано се проследува судската постапка со носителите на криминалот во ерата на груевизмот, што е лошо. Многу лошо. Дури се повикува и на нивно враќање.
Има ли чаре? Може ли да се спаси метастазираното болно општество? Се разбира дека може и веќе се применува, за жал, оди многу бавно. Едно од добрите решенија се напушта, а тоа е специјалното јавно обвинителство да не се претопува во редовното јавно обвинителство. Катица Јанева и нејзиниот тим требаше да добијат поголеми овластувања. Покрај соработката со редовните обвинителства и сите судски инстанции Специјалното обвинителство треба да има и своја полиција, истражители, поголем број обвинители и сѐ она што го има на располагање Лаура Ковеси, специјалниот обвинител во Романија.
Во 2017 година директоратот на обвинителката Лаура пред судот изведе 1.000 романски функционери под обвинение за корупција, меѓу кои тројца министри, шест пратеници, поранешен претседател на парламент. Лаура Ковеси во својот извештај за ланската работа соопшти дека кривично гони 713 функционери, 28 градоначалници, 38 директори на јавни институции и еден сенатор. Ете, тоа ѝ треба на Македонија, иако постигањата и на нашето специјалното обвинителство се за респект.