Синтезис: „Патување низ музичкото време“

Дваесет години патуваа низ целиот свет, освен Африка и Јужна Америка, а синоќа во клуб-ресторанот МКЦ во Скопје, со бројни пријатели, фанови и гости, се укотвија на островот Македонија. Така им се вика осмиот по ред албум „Остров“, подготвуван последните 5-6 години, кој го промовираа заедно со монографијата „Патување низ музичкото време“ по повод јубилејот, иако на сцената постојат 23 години.

„На „Синтезис“ им фалеше уште книга, за да не влезат во прашливиот заборав. Додека пишував, се справив со две ситуации, прво – пишувам за мои пријатели, а друго – Синтезис во нивните почетоци од 1995 година, па некаде до 2001 прва не беа многу медиумски експонирани, неоправдано беа потонати во медиумски молк. Затоа, ми послужија живите сеќавања на Шуте и на Мац“, изјави синоќа авторот на биографијата Милан Банов. Во неа пишуваат и Оливер Белопета и Бранка Костиќ-Марковиќ, кои исто така се обратија на промоцијата, како и Mихаил Ренџов, Владимир Мандичевски, Венко Андоновски и Елени Новаковска .

Албумот е снимен во студиото „Подрумот“. Издавач е Скопски џез фестивал, зад кој стои Оливер Белопета, првиот менаџер на „Синтезис“. „Остров“  има седум песни. На четири од нив пејат трите вокали, Анета Шуланковска, Мирјана Јошеска и Билјана Ристовска, а останатите се инструментални. На двете од инструменталните гостува гитарската легенда Влатко Стефановски. Стилот е истиот како и порано, обработка на старите, традиционални песни, кои ги наоѓаат и ги преработуваат машките членови: Радослав Шутевски-Шуте, Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски и Гоце Узунски.  (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски