Синот на Џамал Кашоги пристигна во САД

САД – Синот на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Салах, пристигна во САД, изјавил за Си-Ен-Ен извор близок до семејството.

Салах Кашоги има двојно државјанство, американско и саудиско, и до сега имаше забрана за патување.

Тој во средата ја напуштил Саудиска Арабија и не се знаеше неговата дестинација.

Претставник на Стејт департментот изјави дека Мајк Помпео побарал од Ријад да му дозволи на Салах да патува и оти Вашингтон е „задоволен“ што му е овозможено да ја напушти Саудиска Арабија.

Саудиецот Џамал Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.

Саудиска Арабија повеќе од две недели тврдеше дека тој го напуштил Kонзулатот, но на крајот призна дека бил убиен. Првата верзија беше дека тој бил убиен во тепачка, но саудиски обвинители вчера го окарактеризирале убиството на Кашоги како злосторство со предумисла.