Синовец се врати во МЗТ Скопје, си замина Мајсторовиќ

Српскиот интернационалец Стефан Синовец од денеска е нов член на МЗТ Скопје што претставува негово четврто враќање во клубот од Аеродром.

Тој претходно настапуваше во сезоните 2013/14, 2014/15 и 2016/17. Синовец најавува дека ќе стори се да дојде до четвртата шампионска титула со „сино-белите“.

Неговиот договор е до крајот на сезоната, а тој доаѓа од таборот на Мега Бекамс, каде што во АБА-лигата имаше просек од 9,4 поени, 4,5 скока и 3,1 асистенции. Синовец се очекува да пристигне во Скопје утре рано наутро за да ги заврши сите формалности околу договорот и да може да дебитира на задутрешната пресметка со Кожув во СЦ „Јане Сандански“.

Од таборот на македонскиот шампион информираат дека екипата, ја напушта Ѓорѓе Мајсторовиќ со спогодбен раскин на договорот. Тој дојде на почетокот на ноември и одигра 14 средби во регионалното натпреварување со просек од 4,8 поени и 2,7 скока.