Таксист осомничен за убиството на британската дипломатка во Бејрут

Либанската полиција денеска уапси такси-возач, кој е осомничен за бруталното силување и убиство на британската дипломатка Ребека Дајкс во петокот.

Телото на Дајкс (30) беше пронајдено покрај автопат во близината на Бејрут, Либан. Таа исчезната во петокот вечерта, по забава со пријателите во населбата Гемејзе.

Дајкс работела во Бејрут од почетокот на годинава во канцеларијата на министерството за меѓународен развој во британската амбасада.

Според првичните информации од полициската истрага, напаѓачот ја силувал Дајкс, по што ја задавил.

Весникот „Тајмс“ јавува дека осомничениот за убиството бил уапсен во раните утрински часови при полициска акција и дека неговото име е Тарик.