СЗО: Зависноста од видеоигри е ментално нарушување

Компулсивното играње видеоигри е ментално нарушување, потврди Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО го измени меѓународниот прирачник за класификација на болестите и соопшти дека класификацијата – нарушување преку играње игри, како посебна состојба, ќе им помогне на здравствените власти во земјите полесно да го идентификуваат тој проблем. Според директорот на Одделението за ментално здравје при СЗО, ова нарушување мора да се класифицира како ново заболување, на основа на научни докази, и на основа на тоа дека лекари од многу делови на светот укажуваат на потребата нарушувањето соодветно да се лекува. Образложението е дека станува збор за вид коцка, со тоа што коцкарите употребуваат пари, а зависниците од видеоигри – поени.

Критичарите на овој потег на СЗО велат дека е ризично да се стигматизираат зависниците од видеоигри бидејќи обично тоа се тинејџери или млади луѓе кои сами не бараат помош.

Се предлага зависноста од игри да се лекува со психолошки терапии, а ако е потребно и со лекови.