Се крадат и тегли со ајвар и шишиња со ракија
„Кога вечерта се вратив од работа, ме дочека шок. Работите беа расфрлени, преместени, размрдани полици и шкафови, документи и облека на подот… Влезната врата ја отворив со клуч, па веднаш сфатив дека станот ми е провален преку балконот. Крадецот или крадците ја прескокнале оградата и претпоставувам со шрафцигер ја подигнале заштитната завеса неколку сантиметри, сосема доволно да можат да влезат. Претурале, барале, пари не чувам во готово, така што немале што да земат. Но за да не биде без ништо, ги украле синџирчињата и обетките што ми беа оставина од мајка ми, која почина пред неколку месеци и лаптопот, кој го исплаќам на кредит 48 месеци и во кој имав фотографии и снимки од мајка ми. Тоа не можам да им го простам“.
Ова е сведочење на 41-годишен скопјанец, чиј стан во скопската населба Пржино беше ограбен во понеделникот. Претпоставува дека арамиите биле информирани дека по цел ден е отсутен и дека е работно ангажиран вториот ден од Божик, кој беше неработен за поголемиот дел од граѓаните. Вели дека ноќта кога се дочекуваше Новата година бил ограбен и стан на соседите од блиската зграда, кои, исто како него, живееле на приземје.
„Повикав полиција, извршија увид, рекоа дека крадецот користел ракавици, па отпечатоци не можеа да најдат“, вели ограбениот скопјанец.
Кражбите во Скопје, но и во целата земја станаа секојдневие за граѓаните. Во полициските билтени што ги објавува Министерството за внатрешни работи од почетокот на годината се информираше за дваесетина тешки кражби во куќи и во станови, но во нив се известува само за оние „покарактеристични“, односно за оние во кои е направена поголема материјална штета. Меѓу нив е и кражбата во домот во новинарот Томислав Кежаровски на улицата „Жорж Бизе“ во населбата Лисиче. Непознатиот сторител во четири часот по полноќ, на први јануари, преку балконот влегол во куќата и украл два лаптопа, два рачни часовника, една нараквица и еден мобилен телефон.
„Двата лаптопа на Томче се земени, мобилен со германскиот број е земен, а другите, постарите, не се земени. Таблетот не, компјутерот на ќерка ми не, погодете сами што барале. Во собата на ќерка ми само претурале, одземени се два часовника и две синцџирчиња. Од мене земени се часовник и алка. Грабеж, ама и не треба да личи многу на грабеж, нели?, вели сопругата Марина.
Од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор колку кражби се регистрирани од почетокот на годината ниту, пак, во периодот од јануари до ноември лани, за кога би требало да е завршен аналитичкиот извештај. Инспектори од областа на имотните деликти за „Независен весник“ велат дека само во Скопје дневно се случуваат меѓу 30 и 40 кражби.
„Станува збор за кражби што се пријавуваат кај нас, иако има и такви што воопшто не се обраќаат до нас, не верувајќи дека ќе спроведеме ефикасна истрага и дека арамиите ќе ги фатиме, а украдените предмети ќе ги пронајдеме“, објаснуваат нашите соговорници.
Според нивните искуства, најчесто се крадат злато и пари, а на трето и четврто место се лаптоп-компјутерите и телевизорите. Во домовите главно се влегува преку балконските врати. Веќе нема правила дека кражбите задолжително се вршат ноќе. Арамиите сега го темпираат времето на дејствување според активностите на домаќините. Вообичаено, имаат информатор кој им кажува кога домашните излегуваат од дома, дали се имотни, какви им се соседите, дали има висок ризик да бидат фатени…
„Иако и тоа е релативно, затоа што во последно време се соочуваме со ситуации кога се крадат тегли со ајвар, џем или шишиња со домашен сок, ракија и вино. Тоа значи дека или се многу гладни или се локални зависници од дрога или од алкохол“, анализираат полициските инспектори.
Социолозите што ги консултиравме сметаат дека причина што крадците посегаат по туѓи имоти, дури и за тегли со ајвар, е сиромаштијата. Тие велат луѓето за да ги задоволат основните потреби се одлучуваат и на кражба, така што сето тоа што ни се случува, односно константните вести за ограбени банки, менувачници, убиства заради пари и кражби на бела техника, може да се стават во контекст на сиромаштијата и социјалната несигурност.
Од полицијата советуваат секогаш да се заклучува влезната врата, без оглед колку долго ќе отсуствувате и дали сте кај соседите или до продавница.
„Доколку излегувате накратко, не ги оставајте отворени прозорците и вратата од балконот. Немојте покрај куќата или балконот, доколку сте на пониските катови, да оставате предмети што овозможуваат полесно качување како скала или сандак. Обезбедите ги домовите со добра брава и цврст механизам за делумно отворање на вратата. Доградете дополнителна заштита на стаклените површини од вратите и прозорците. Ставете надворешно осветлување“, се дел од советите на полиција за заштита на имотот.
Горан Адамовски