Се дуплира бројот на граѓани со белодробни заболувања

Речиси двојно се зголеми бројот на граѓани со респираторни заболувања откако загадувањето на воздухот почна неколкукратно да ги надминува дозволените граници.

Од почетокот на октомври досега амбулантски прегледи поради респираторни тегоби побарале повеќе од 1.200 пациенти. Тоа е зголемување од околу 40 отсто во споредба со претходниот квартал (јули, август, септември). За истиот период болнички се лекувани се околу 100 болни, покажуваат податоците на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Од нив, 30 пациенти биле со респираторни инфекции, 56 пациенти биле со хронична опструктивна белодробна болест и 10-мина со астма.

И тука има пораст од 20 отсто во однос на претходниот квартал.

Доцент д-р Билјана Илиевска Попоска од Институтот за белодробни заболувања вели дека белодробните болести, особено акутните, се зачестени во овој период од годината токму поради штетните честички во загадениот воздух. Тие прават промени во структурата на дишните патишта.

-Зачестени се акутните инфекции на горнореспираторниот систем: инфекција на носот, на грлото, на долните дишни патишта. Инфекциите можат да одат со бронхит и воспаленија, но и посериозно, со пневмонија. Комбинацијата меѓу пушачките навики и загадениот воздух придонесуваат да имаме двојно оштетување кај пушачите. Во услови на таква двојна негативна спрега од надворешната средина, болестите многу посилно се манифестираат – вели Илиевска Попоска.

Особено погодени се децата и лицата повозрасни од 65 години. Имунолошкиот систем кај нив е послаб и потешко се справуваат со инфекциите. Поради тоа се можни почести компликации.

Симптоми: внимавајте на кашлицата и на секретот

Доминантни симтоми се кашлицата (која во почетокот може да биде сува, а потоа е со искашлување секрет), болка во грло, тешко дишење, свирење во градите. Пациентот и матичниот лекар треба да ги препознаат сериозноста и јачината на овие симптоми и во зависност од тоа да се побара лекарска помош. Заболувањата на горнореспираторниот систем, предизвикани од вирусно потекло, не бараат антибиотска терапија, туку можат да се лекуваат во домашни услови. Таму каде се јавува бактериска инфекција, каде има погуст, жолтеникав секрет, зголемена температура, тешкотии со дишењето, се препишува и антибиотска терапија.

 

 

Како да се заштитите?

Општите препораки се да се води сметка за уреден начин на живот, исхрана збогатена со витамини, употреба на имуномодулатори и пробиотици. Тоа придонесува да се зајакне имунитетот за полесно да се справи со надворешните услови. Доколку е можно, во време на голема загаденост во градовите да се избегнува движење надвор. Спортување и престој во природа се секако добредојдени.

– За време на услови на чести респираторни инфекции се препорачува граѓаните да примат вакцина против грип. Се препорачува и пнеумококната вакцина, воведена од неодамна во редовниот календар на имунизација. Заштитуваат и маските, но потребни се оние респирартори – маски, кои се разликуваат од лесно достапните познатите хирурчки маски оти се направени од многу посоодветен материјал и имаат само еден отвор запштитен со хепа филтер кој не пропушта поголеми честички од 0,3 микрони – вели др. Илиевска Попоска.

С.С.З.