Се доградуваат нови занимални во градинката „Мајски свет“ во Тафталиџе 2

Денеска започна реконструкцијата на дел од објектот на градинката „Мајски Цвет” во Тафталиџе 2. Предвидено е во рок од два месеца да се изградат четири нови занимални со вкупна површина од 150 метри квадратни. Реконструкцијата, односно доградбата на објектот ќе чини околу 170.000 евра, а ќе се работи со пари од општинскиот буџет.

„Квалитетната и сеопфатна детска заштита подразбира континуирано подобрување на условите во градинките и грижа за најмладите и од тие причини истовремено се гради нова градинка и во Бардовци, до училиштето ‘Аврам Писевски‘, а за оваа година се предвидува и целосна реконструкција на градинката ‘Мајски цвет‘ во Тафталиџе 1, која исто така е во лоша состојба“, изјави градоначалникот Стефан Богоев.

Инаку, Општината во изминатиот период ги замени и старите и дотраени играчки во градинките, со нови, изработени од еко – материјали. Исто така, со цел децата да се заштитат од загадениот воздух, локалната самоуправа во соработка со општествено одговорните компании донира прочистувачи за воздух за сите градинки.