Се влошуваат условите за водење бизнис во Македонија

Изминатава година се влошиле условите за водење бизнис во Македонија. Американскиот магазин „Форбс“ ја рангираше Македонија на 63. место на листата на најдобри земји за водење бизнис. Тоа е пад од 28 позиции споредено со претходната година кога Македонија беше 35. во светот.

„Форбс“ регистрира пад на шест од 15 категории, меѓу кои се бележи влошување на состојбата кај монетарната слобода, корупцијата, бирократијата, а пад имаме и кај даночното оптоварување. Најлошо рангирани сме во делот на правата на сопственост каде што Македонија се најде на 91. позиција од 153 земји во светот, како и во делот кај личните слободи каде што земјава е сместена на 83. место.

За влошувањето на бизнис-климата во земјата неколкупати алармираше и бизнис-заедницата. Компаниите цела година поради политичката криза се воздржуваат од нови вложувања и од отворање нови работни места.

Ова го покажуваат и податоците за раст на БДП, како и за прилив на странски инвестиции. Македонската економија е во стагнација годинава и најоптимистичките прогнози се дека растот ќе биде максимум 0,5 отсто.

Од друга страна, драстичен е и падот на странски инвестиции. Во првите три квартали во земјава влегле само 50 милиони евра странски капитал, што е за 140 милиони евра помалку споредено со претходната година.

Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за „Независен весник“ велат дека ваквото рангирање се должи на политичката криза која траеше долг временски период и која се рефлектираше врз економските перформанси.
Во образложението за тоа на што се должи падот од 28 позиции велат дека за да една економија да биде прогресивна, освен економски мерки, потребна е стабилност на државата и владеење на правото, но паралелно на тоа работеле на креирање на мерки со кои ќе се овозможи подобра бизнис-клика и поинтензивен економски раст.

– Со планот за економски раст се овозможуваат исти услови за поддршка на сите компании, независно од сопственоста и големината на компаниите. Воедно, овој план овозможува транспарентност и исти услови за поддршка на сите компании – се вели во објаснувањето од кабинетот на Анѓушев.
Во наредниот период, како што потенцираат, ќе се насочат кон повисоко ниво на искористување на средствата наменети за капитални инвестиции, на изградба на патна мрежа, железница и гасоводен систем за да се создадат подобри услови за повисока конкурентност за сите компании и за раст на економијата.

„Форбс“ мери 15 различни категории потребни за водење бизнис, вклучувајќи ги даноците, личната и економската слобода, администрација, правата на сопственост, корупција и иновации, трговска слобода, монетарна слобода и заштита на инвеститорите.
Оваа година првото место за најдобро водење бизнис ѝ припадна на Велика Британија, на второ место е Нов Зеланд, по што следуваат Холандија, Шведска и Канада.

Од земјите во регионот најдобро рангирана е Словенија, која годинава е на 32. место, Хрватска е на 51. место, а полошо од Македонија котираат Црна Гора, која е на 68. место, Србија на 69. место, Албанија на 71. место и БиХ на 97. место во светот.
На дното на листата се наоѓаат Авганистан на 150. место, Хаити на 151., Гамбија е 152. и последен е Чад на 153. место.

Александра Спасевска