Серијата „Успех“ го освојува регионот и Европа

Првата серија во регионов во продукција на Ејџ-би-о ги прикажа првите шест епизоди од првата сезона и доби позитивни критики и од гледачите и од стручната јавност. Сценариото е напишано од Марјан Алчевски, Македонец кој живее и работи во Загреб, а е режирана од босанскиот режисер Данис Тановиќ, добитник на „Оскар“ за филмот „Ничија земја“. Премиерно првата епизода се емитуваше на 6 јануари на каналот Ејџ-би-о, а од истиот ден на платформата Ејџ-би-о-Гоу веднаш беа достапни сите шест епизоди. Секоја недела во 20 часот, на каналот Ејџ-би-о, ќе се емитува по една епизода од првата сезона.

Приказната се одвива во Нов Загреб, а како што вели сценаристот Алчевски, може да се постави и во Нов Белград, па и во Ново Лисиче.
„Успех“ е повеќеслојна драма која се фокусира на моќни ликови. Таа ги следи меѓусебно поврзаните приказни за четири лица што не се познаваат меѓусебно и секој од нив се бори со секојдневниот живот во градот, а ги поврзува еден насилен настан. Кога последиците од нивните дејства почнуваат да навлегуваат во секој аспект од нивните животи, овие обични луѓе од различни делови на општеството одлучуваат да се спротивстават. Ова е мрачен поглед во различните општествени структури на современиот Загреб преку животните приказни на обичните луѓе кои тоа исто општество ги турка во амбис. Иако Загреб е во фокусот, „Успех“ претставува универзална, слоевита приказна во која ги гледаме моментално доминантните чувства на фрустрација, беспомошност и пасивност во секојдневниот живот на обичната личност во регионот, а и пошироко, преку љубовта, работата, семејството, верноста, несигурноста и криминалот.
Бланка е средношколка со насилен татко и насилно момче. Невработениот млад дизајнер Кики може да го изгуби станот затоа што не може да го плаќа кредитот, а дополнително има болен син. Винка е вработена во банка и не сака да ја прифати реалноста за нејзиниот брак што пропаѓа, но животот ѝ крахира кога е нападната без никаква причина. Харис е архитект кој надгледува еден голем, но ризичен градежен проект за опасниот бизнисмен Краљ кој ненадејно доживува морална криза поради неговата улога во корумпираниот систем.

Се случува инцидент и четворицата ликови се согласуваат никогаш повторно да не се сретнат, со надеж дека вистината за криминалот ќе остане тајна. Но судбината нема таков план за нив.
Актерката Ива Михалиќ, која ја толкува улогата на банкарката Винка, вели дека нејзиниот лик е интригантен, но најинтересно е тоа што покрај сите сплетки, сепак, е издржлива до крај.
„Винка не знаеше што ја чека тој ден. Започнувајќи од физички напад, до убиствово паркот. Тргна да фрли ѓубре пред нејзината зграда и оттогаш никогаш веќе нема да биде истата личност. Вчера веќе не постои. Се отвори лавиринт на кој не се надеваше ниту во најлудите соништа. Ме интересираат нејзините мотиви, трансформација и начинот на дејствување“, вели Михалиќ за својот лик.

Голем впечаток преку актерската игра остави и младата актерка Тара Талер, која сè уште не запишала глума, а преку оваа серија и е предодредена кариерата. Талер ја игра тинејџерката Бланка, која е бунтовна од само нејзе познати причини. Но тешкиот живот ќе ја натера да созрее предвреме.

„Ова е за мене ‘првенче’ во повеќе погледи. Моја прва голема улога или што би рекле колегите, сочен лик. Прва соработка со Ејџ-би-о и првпат ми е доверен таков товар. Во секој случај е голем залог. Приказната како стигнав до кастингот е исто така филмски. На аудиција бев повикана два пати. Првиот пат не успеав да стигнам бидејќи бев на работа во ‘Мекдоналдс’ и на моја среќа одржаа и втора аудиција на која стигнав да се претставам. Потоа, следуваше телефонски повик од продуцентот, да ми соопшти дека ќе морам да дадам отказ од работното место и дека ја добив улогата“, раскажува Талер.
Сценариото за серијата „Успех“ напишано во шест продолженија од Марјан Алчевски, победи на натпреварот „ Ејџ-би-о Адриа драфт“. Извршни продуценти на серијата се Стив Метјус и Џонатан Јанг (Ејџ-би-о Европа), надзорна продуцентка е Ема Тарнер (Ејџ-би-о Европа), продуценти се Ана Балентовиќ (Ејџ-би-о Европа), Небојша Тараба и Миодраг Сила „Други план“.
Во главните улоги ќе ги гледаме и Тони Гојановиќ, Уликс Фехмиу и Марија Шкаричиќ. Во останатите улоги настапуваат: Горан Богдан, Горан Навојец, Ивана Рошчиќ, Леон Лучев, Борут Веселко, Јасна Жалица, Мислав Чавајда, Никша Бутијер, Бојан Навојец, Барбара Вицковиќ, Миран Курспахиќ, Тихана Лазовиќ, Вилим Матула, Ѓорѓе Кукуљица, Дијана Видушин, Филип Маер, Дамир Пољичак, Тена Гајски, Младен Ковачиќ, Павле Матушко, Матија Качан, Дора Перојевиќ и многу други.