Серена Вилијамс го избркала антидопинг агентот од нејзиниот дом

Американската тенисерка Серена Вилијамс одбила да даде примерок за допинг контрола и го избркала од нејзиниот дом агентот на Американската антидопинг агенција (УСАДА).

Според извештајот инцидентот се случил на 14 јуни, кога рано наутро во нејзиниот дом се појавил агент на УСАДА, при што дошло до вербална расправија и Серена Вилијамс се пожалила на неправеден третман.

Тенисерката истакнала дека од почетокот на оваа година била тестирана пет пати, а нејзините сонароднички по еднаш, најмногу два пати, а некои ниту еднаш.

Серена Вилијамс, по речиси една година пауза поради породилното отсуство, во март повторно се врати на терените и играше на три турнири.

Таа во текот на нејзината речиси 20-годишна кариера никогаш не била позитивна на ниту една забранета супстанција, иако била тестирана значително почесто од нејзините колешки, но и колеги.

Според статистиката таа била четири пати почесто тестирана од нејзините ривалки.

За случајот се огласи и американската тенисерка која рече дека нема проблеми со тестирањето, но не на таков „инвазивен“ начин.