Фондот за поевтино ја праќал Ева во Турција

Ева Крстаноска од Горно Коњско, Охридско, ја изгуби битката со болеста. 11-годишното девојче, кое се бореше со леукемија, замина од овој свет завчера откако нејзиното семејство не стигна да ги собере потребните пари за таа да се лекува во Германија.
Дали државата повторно не изреагира навреме, се прашањата кои вчера ги поставуваа револтирани граѓани. Според информации од луѓе што собираа донации за Ева, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) одобрил лекување во Турција. Семејството сметало дека шансите за успех на лекувањето се поголеми во германската клиника „Униклиник Гисен“ и побарало ФЗОМ да одобри сума колку за во Турција, а тие да доплатат и да одат во Германија. Затоа побараа помош од хумани луѓе. Се мобилизираа цел Охрид и Струга, како и дијаспората. Лекувањето во Германија би чинело околу 300.000 евра. ФЗОМ за во турската клиника одобрил 145.000 евра.
По низата хуманитарни акции низ кафулиња, со СМС-броеви и на отворените сметки, информациите се дека граѓаните за Ева донирале околу 140.000 евра. Недостасувале уште околу 14.000 евра за да се собере вкупната сума и Ева да се лекува во Германија. Лекарот што таму требал да ја прими чекал да добие потврда на имејл за тоа дека ќе бидат преземени трошоците на болницата за да почне процесот на лекување.

„Државата избра да спаси 200.000 евра наместо животот на Ева. Скратено ѝ е правото да се лекува во Германија дури и со собрани 150.000 евра. Ева е голем борец и сè ќе издржи. Споделете, нека види цела Македонија. Како родител со голема болка во душата ќе се борам Ева да ја издржи оваа битка со болеста и со државата“, напиша таткото Благојче Крстаноски на почетокот на минатиот месец.
Како лекарските комисии одлучувале за тоа каде Ева треба да се лекува? Според ФЗОМ, семејството на Ева на 25 јуни годинава поднело барање за лекување во странство. Стручниот колегиум на Клиниката за детски болести се изјаснил дека станува збор за витално загрозувачки случај. Лекарските комисии го разгледувале барањето во два наврата. На 27 јуни дале конечно мислење со кое ја пратиле Ева да се лекува во клиничката болница „Газиошман Паша“ во Истанбул, во траење од пет месеци, за хемотерапија и алогена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител. Сумата што ја одобрил ФЗОМ била 145.000 евра, со придружник при заминување и при враќање. Ева требало да замине со санитетски авион, а трошоците за превозот требало да бидат предмет на посебна постапка. Притоа, семејството требало да уплати 20 отсто од трошоците за лекување, но не повеќе од 200 евра. На шести јули, семејството поднело жалба. Управниот одбор на Фондот преку второстепената лекарска комисија ја разгледал жалбата и ја потврдил одлуката на првостепениот орган. Решението е заведено со датум од 12 јули, што значи дека се одлучувало една недела. Блиските прашуваат зошто толку се чекало ако лекарскиот конзилиум претходно напишал дека станува збор за витално загрозувачки случај?
Во соопштението од ФЗОМ стои дека Фондот постапил по барањето на осигуреното лице и одобрил упатување на болничко лекување во странство според постојните законски и подзаконски акти.
С.С.З.