Села пак му кажа „не“ на Заев


Двете крила на Беса и ДПА и натаму се во игра за влез во владејачката коалиција откако Алијансата за Албанците зазеде став дека не се враќа во Владата без нови избори. Наспроти тоа, премиерот Зоран Заев за време на празничниот викенд потврди дека не планира вонредни избори и дека е фокусиран моментно на проширување на парламентарното мнозинство, како основна причина за реконструкцијата што ја најави.

На седница на централното претседателство што се одржа во Кичево, партијата на Зијадин Села зазеде став дека останува во опозиција, односно дека нема да биде дел од некоја нова владина гарнитура на чие формирање нема да ѝ претходи парламентарен изборен процес.

– Оваа едногласна одлука на Алијансата се заснова на индикациите дека оваа владејачка гарнитура не е доволно убедлива во својата заложба за радикални реформи во земјата, а особено поради нејзината индиферентност околу спроведувањето и примената на принципите на владеењето на правото – соопштија од партијата.

Алијансата за Албанците влезе во парламентот со тројца пратеници, а остана со еден помалку кога излезе од коалицијата со СДСМ и ДУИ. Третиот пратеник – Весел Мемеди, кој беше избран како кандидат на НДП, во меѓувреме стана потпретседател на парламентот. Со неговото останување во владејачкото мнозинство, како и со приклучувањето кон него на Чедомир Саздовски, кој се врати од ГРОМ во СДСМ, и на Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците, Заев ја помина критичната граница од 61 пратеник и обезбеди одредена стабилност на Владата. Но парламентарното мнозинство и натаму е кревко и се соочува со чести проблеми со кворумот. Сепак, Заев во интервју за МИА оцени дека кревкото мнозинство е своевидна предност бидејќи упатува на комуникација со сите партнери.

„Беше тешко кога не можевме да се договориме со Алијансата за Албанците. Знаете дека имавме ситуација кога без нивните двајца пратеници мнозинството можеше да се сведе на 60 пратеници. Тоа беше тешка ситуација. Следуваат разговори со дел од пратениците од македонскиот блок. Со некои од нив, без оглед на политичките разлики од минатото, повторно се споивме заради вредностите што нѐ обединуваат“, вели Заев.
Тој вели дека продолжува да разговара со претставниците на помалобројните етнички заедници и дека настојува да најде заеднички јазик и со другите партии од албанскиот блок.

Од партиите на помалите заедници застапени во парламентот, како дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сѐ уште фигурираат пратениците Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ, додека Амди Бајрам од поодамна најави дека ќе дејствува независно. Рамчиловиќ, за разлика од Стоиљковиќ, е потпишан на интерпелацијата против Владата што ја подготви ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето за довербата во кабинетот на Заев го потпишал и Панчо Минов од ГРОМ, но меѓу потписниците ги нема тројцата пратеници на СПМ.

Во случај дел од пратениците од помалите партии, ДПА и двете крила на Беса да преминат во мнозинството, владејачката коалиција би можела да стигне до поддршка од 70 гласа во законодавниот дом. Но, во таков случај, Алијансата би останала единствена партија во опозиција во албанскиот блок. Заев вели дека има прилично јасна претстава какви решенија треба да бидат преземени во поглед на реконструкцијата и дека ги прави последните консултации во таа насока.

„На разрешувањата треба веднаш да им следуваат и новите именувања. Затоа овој процес не е така едноставен. Пакетот мора да биде спакуван комплетно. Сакам да напоменам дека реконструкцијата се појавува како потреба и од намерата да го зголемиме и зајакнеме парламентарното мнозинство. Со зголемувањето на парламентарното мнозинство се отвора шансата за промени таму каде што нема резултати. За мене е сосема логично некој што не може да испорача резултати да биде разрешен или сам да се повлече. Можеби тие луѓе се покорисни на некои други позиции“, вели Заев.

Тој повторува дека е против предвремени избори, посочувајќи дека постојани избори се проблем за стопанството и дека е чесно Владата да го истера целиот мандат.

„Треба да успеат реформите до крај. И на крајот граѓаните нека нѐ ценат на купче. Во 2020 година, кога се редовните избори, ако сме добри, ќе нѐ поддржат, ако не, здраво е да се случат промените. Ако заслужуваме да останеме на власт добро, ако не, сме биле долги години опозиција и повторно ќе одиме во опозиција“, нагласува Заев. (А.М.М.)