Секој втор Германец смета дека Меркел треба да се повлече од власта


Речиси половина Германци сметаат дека канцеларката Ангела Меркел треба да се повлече од власта пред следните редовни парламентарни избори во 2021 година, покажуваат резултатите од анкетата нарачана од германската новинска агенција ДПА.

Анкетата покажува дека околу 47 отсто од анкетираните сакаат Меркел да се повлече пред истекот на нејзиниот мандат, а 36 отсто – да остане на власт до крајот.

Поддршката за Ангела Меркел беше посилна веднаш по парламентарните избори во октомври. Анкета на Југав тогаш покажа дека 36 отсто од гласачите се за што поскоро повлекување на канцеларката, а 44 отсто сакаа таа да продолжи да владее.

Преговорите за коалиција помеѓу конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на Меркел и социјалдемократите треба да започнат на 7-ми јануари. Тие можат да доведат до повторување на големата коалиција, или до формирање малцинска влада на чело со Ангела Меркел. Но, ако преговорите не успеат, може да има предвремени парламентарни избори во 2018 година, посочува ДПА.