Борци на ИСИС притворени во Скопје

Скопското обвинителство поднесе обвинение против седум македонски државјани поради војување на страната на ИСИС во битките во Сирија и во Ирак. Тие ќе одговараат за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации. Петмина од обвинетите се дел од истражни постапки во рамките на акциите „Ќелија 1“ во 2015 година и „Ќелија 2“ во 2016 година, но беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници.

„Со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале за Сирија каде се обучувале и учествувале како борци на ИСИС. Освен што учествувале во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, користејќи ги социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица да учествуваат во паравоени формации надвор од Република Македонија. Обвинетиот на кој му се ставаат на товар две кривични дела: Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација ‘Исламска држава’“, соопшти Обвинителството.

Во август годинава обвинетите се предадени на македонските органи на прогонот откако беа лишени од слобода во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили.

„Ценејќи дека се уште постојат законски основи поради кои на обвинетите им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител заедно со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на притворот за обвинетите“, велат од ОЈО.