Седумдесет и еден пратеник ќе учествуваат во кампањата „За“ референдумот

Пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник, до претседателот на Собранието,Талат Џафери, испратија допис со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018-та година и дека се изјаснуваат „ЗА“ референдумското прашање.
Пратеникот Антонијо Милошоски, како поединец пратеник испрати допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање. ВМРО-ДПМНЕ се уште нема доставено известување, а според најавите од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе го сторат в среда.
На денешната координација со која раководеше Џафери, присуствуваа потпретседателите и координаторите на сите пратенички групи освен, како и досега, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ иако, како и сите координатори, и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ беше известен од петокот за терминот на одржување на координацијата.
Уште еднаш беше потенцирано дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.
Собранието формираше Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи претседателот на Собранието.