Седми смртен случај поради комода од ИКЕА, компанијата ќе го повлекува моделот од продажба

Шведската компанија ИКЕА повторно најави повлекување на 29 милиони комоди по седмиот смртен случај, во кој животот го загуби едно дете.

Извршниот директор на компанијата Ларс Петерсон изјави дека ИКЕА одлучи да повлече неколку видови на комоди, кои можат лесно да се превртат ако не се прицврстени за ѕид.

Смртта на двегодишно дете од Калифорнија, кое во мај беше заглавено под една од комодите на ИКЕА, го покрена прашањето дали компанијата ефикасно ја спровела кампањата за повлекување на производите, која прв пат беше објавена во јуни 2016 година.

Петерсон рече дека ИКЕА имала кампања за „широка комуникација” преку социјалните медиуми и нивните веб-страници. Шведската компанија испратила електронски пораки за повлекување на 13 милиони луѓе пред два месеца, рече тој.