Седми масовен граѓански протест во Белград

Во Белград и оваа сабота е одржан нов, седми голем масовен протест „Стоп на крвавите кошули“ за демократски слободи под слоганот „Еден од пет милиони -почнато е“.

Колоната од повеќе десетици илјади граѓани кои протестираа, која беше повторно долга над еден километар, се движеше по веќе познатата маршрута низ централните белградски улици, од Студентскиот плоштад, улиците Македонска и Таковска, булеварот на Кнез Милош до Плоштадот Славија.

На протестот по правило се обрати еден од организаторите, актерот Бранислав Трифуновиќ, како и актерот Никола Којо. Трифуновиќ овојпат испорача барања до српската опозиција.

-Ние сме тука осум недели, два месеца траат протестите против насилството кое го спроведува власта. Барањата веќе им ги испративме, а вечерва имаме барање за опозицијата. Неопходно е да се воспостават механизми, ваква власт никогаш повеќе да не се повтори, рече Трифуновиќ.

-Сакаме јасен план никогаш повторно да не дојде до ова сегашна состојба, сакаме нормални луѓе кои ќе го работат она за што ги плаќаме. Ова е нашата земја и доста е! Потрудете се да ја заслужите нашата доверба, беше клучната порака испратена до опозицијата пред почетокот на вечерната прошетка.

Актерот Никола Којо се обрати до граѓаните со пораката: „Алекандре Вучиќу, ова е крајот!“
-Овој народ тука и луѓето од Србија кои протестираа одлучија да ти кажат да си заминеш…
Ние те повикуваме да абдицираш, кралу-самокрунисан и ќе имаш олеснителна околност. Објасни им на своите поданици да го положат своето оружје и ништо нема да им се случи – освен лустрацијата, додаде Којо.

Пред зградата на РТС граѓаните повторно кратко се задржаа во знак на протест против информирањето на РТС, каде беше повторено барањето за оставка на директорот на РТС Драган Бујошевиќ, а протест имаше и пред ТВ Пинк.

Протестите во Белград се повеќе добиваат обележја на демократски и на граѓански протести и тие се непартиски, но на нив секогаш учествуваат претставници на речиси сите опозициски партии во Србија. На сите досегашни протести, според слободни проценки, имаше меѓу 25.000-35.000 граѓани.

Претходните шест саботи се одржаа протестни прошетки „Стоп на крвавите кошули” како одговор на нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ, во Крушевац, а слоганот „Еден од пет милиони” следуваше по коментарот на српскиот претседател Александар Вучиќ на првата протестна прошетка, кој рече дека нема да исполни ниедно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку долго и да траат протестите.

Граѓански протести вечерва се одржаа и во други градови во Србија, вчера во Нови Сад и во Ниш или, како што оцени еден од организаторите на протестите, актерот Бранислав Трифуновиќ, „граѓанските протести стануваат лавина која никој не може да ја запре, сега веќе во 15 градови, а има најава и за други, Србија се буди…“.