Сега или никогаш


Џорџ Робертсон
Овогодинешниот јубилеј од крајот на Првата светска војна треба, ако ни е потребно, да биде потсетник за тоа колку Балканот бил важен за нашето минато и зошто ние треба и денес да внимаваме на неговата важност.
Начинот на кој овој регион драматично и шокантно ни влијаеше во последните неколку векови треба да биде потсетник дека денес треба да му посветиме многу повеќе внимание.
Во денешниот свет можеби има повеќе и поопасни региони од Балканот што ги зафаќаат насловните страници, но горделивоста додека се соочувате со опасност е најтешкиот криминал што може да го извршат политичарите.
Ако рускиот претседател Владимир Путин е осуден за неговата преокупација со блиското соседство, тогаш ние во Западна Европа треба да бидеме осудени за нашиот недостиг на преокупација со сопственото блиско соседство и што нивниот просперитет и стабилност значи за нашиот сопствен удобен начин на живот.
Од моја страна, добар дел од мојата политичка кариера беше фокусиран на Западниот Балкан.
Во моите долги години во опозиција бев портпарол на Европа, па оттука и на драмите поврзани со распадот на Југославија и мизерните ужаси на војната во Босна.
Се сеќавам дека имав долг разговор со сер Фицрој Меклин, балкански воен херој и југословенски партизански командант, за неговите размислувања за она што се случуваше во Босна во тоа време. Тој беше голем песимист.
„Против заеднички непријател како нацистите тие се борат како тигри. Без заеднички непријатели, како илјадниците германски војници, тие се борат исто толку дивјачки едни против други“, рече тој.
Драго ми е што овој мудар, храбар човек во овој случај не беше во право, но сепак беше потребно вклучување на НАТО, 65 илјади војници и голем меѓународен ангажман за запирање на насилството и враќање на чувството на стабилност.
Во тоа време беа вклучени голем број војници и инвестирано огромно богатство, а ќе беше опасно неодговорно ако сметавме дека тоа е случај на „работа и финиш“.
Претстојните избори во Босна на 8 октомври ќе бидат уште еден тест за таа земја. Луѓето мора да гледаат кон иднината и да не живеат во минатото со сите негови сенки.
Премин кон мејнстримот во Европа ќе дојде само кога колективните национални приоритети и интересите на нацијата ќе дојдат пред древните етнички ривалства.
Интересно беше што на 8 септември, во новото европско фудбалско првенство, Босна играше со Северна Ирска. Двете земји со минато затруено со тензии и насилства меѓу заедниците, играат на фудбалско игралиште. Два дела од светот каде што е можно да се почитува минатото, но не и понатаму да се живее во него.
Се надевам дека е добар знак за изборите на 8 октомври што Босна победи со 2-1.
Моето следно поглавје за Балканот беше во 1999 година и кризата во Косово. Светот уморен по босанската епизода зеде здив и Слободан Милошевиќ го искористи тоа со злобен обид за етничко чистење на проблематичната покраина Косово.
Мојата „бејби-бум“ генерација на политичари дојде на власт. Младите ветерани од демонстрациите против војната во Виетнам сега беа на власт. Бил Клинтон, Робин Кук, Јошка Фишер, Ибер Видрин се соочија со растечка човечка катастрофа и знаевме дека, за разлика од Виетнам, тоа беше вистинската војна во вистинското време и презедовме цврста акција.
Не беше лесно. Не беше уредно. Но беше ефикасно и Косово денес живее во мир.
Мојата следна длабока вмешаност во регионот беше процесот на пристапување на Бугарија, Романија и Словенија во полноправно членство во НАТО. Ова не беше ниту едноставно ниту некомплицирано.
За моите дипломатски главоболки придонесоа фракцискиот референдум во Словенија и владините проблеми во Бугарија и Романија. Но пристапувањето и желбата за членство во ЕУ принудија фундаментални промени во сите овие земји, што ги направија квалификувани да се приклучат на клубовите на мејнстрим Европа.
Оддавам чест на една генерација балкански политичари кои, често на сметка на сопствениот политички опстанок, ги спроведоа реформите кои потоа ги подготвија нивните земји за членство во ЕУ и во НАТО.
Потоа дојде кризата во Македонија во 2001 година. Оваа криза, од типична балканска природа и врз основа на поранешно југословенско нерамномерно наследство, брзо се претвори во она што лесно можеше да биде уште едно крвопролевање.
Тоа не се случи затоа што оваа мала земја се соочи со демоните и предводена од претседателот Борис Трајковски, кој имаше храброст, убедување и транспарентен патриотизам, произведе мировна спогодба – Охридскиот рамковен договор, кој го запре насилството и создаде стабилност во следните две децении.
На 30 септември народот на Македонија ќе гласа на референдум за одобрување на договор за името на земјата што ќе ги отвори вратите за членство во НАТО, а потоа и во ЕУ.
Трагично е што спорот за името го задржуваше ваквото отворање, но факт е дека премиерите на Грција и на Македонија сега се согласија за едноставно решение кое ќе го урне генерацискиот ќор-сокак и ќе воведе ново поглавје во историјата на земјата.
Тоа е сега или никогаш.
Ова е договор изграден на достоинство и на почитување на географијата и историјата. Тој го признава соседството и минатото на регионот богат со историја, но исто така и регион кој гледа кон иднина.
Но тоа е шанса која ако се изгуби може да не се повтори во наредните многу, многу години – ако воопшто се повтори. Застојот е прекинат, постои шанса за иднина, а надворешниот пријателски свет повикува на гласање „за“ на 30 септември.
Тој надворешен свет го задржа здивот во 2001 година и ја поздрави одлуката кога Македонците избраа мир и помирување над секташкото насилство. Тие сега се едногласни и повикуваат сите да гласаат за иднината.
Навистина е сега или никогаш.
Во моментов раководам со една мала група познати личности, Охридската група, кои имаат интерес и љубов кон Македонија и нејзиниот народ. Моите пријатели, поранешниот шеф за надворешни работи на ЕУ, Хавиер Солана, со кого поминав многу денови и ноќи во 2001 година; поранешниот шведски премиер Карл Билт; поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев; британскиот пратеник Лорд Кристофер Гејт; поранешните амбасадори Волфганг Ишингер, Роберт Гелбарт и Ален Лероа; поранешниот британски генерал Барни Вајт-Спанер; извршниот потпретседател на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон и многу други, ја формираат оваа група пријатели.
Сите сме здружени да препорачаме силен одѕив и голем глас за иднината во ЕУ и НАТО преку гласање „за“ договорот.
Ние сите ја познаваме земјата, ги почитуваме луѓето, и сме биле вклучени длабоко во минатото. Сакаме земјата да биде дел од НАТО и ЕУ и знаеме дека е невозможно тоа да се случи без да биде одобрен овој договор.
Нашиот апел е вистински, искрен и добронамерен. Ги повикуваме сите да гласаат и да гласаат „за“.
Демоните што ја одведоа Европа во војна пред еден век се покорени, но не се исчезнати. Истите тензии кои насилно го распарчија регионот и пролеаја турбуленции и бегалци низ континентот, беа скротени и се смирија за момент, но без внимание тие повторно може да се појават повторно да нè прогонуваат. Затоа тие мора да добијат внимание.
Често се сеќавам на зборовите на Горан Свилановиќ, првиот министер за надворешни работи на Милошевиќ на Југославија и сегашен генерален секретар на Советот за регионална соработка, кога се обрати на новинарите во штабот на НАТО.
„Ве замолувам сите да размислите колку ќе беше просперитетен Балканот денес ако политичарите го имаа истото меѓуетничко ниво на соработка како криминалците“, рече тој.
Тоа беше прогласување на длабока вистина и нешто што треба да резонира со сите нас.
Просперитетните земји не одат во војна, не го фрлаат својот народ во насилен конфликт и не ја менуваат сиромаштијата за етничка чистота или доминација.
Тоа е лекција што треба да биде на врвот на агендата во циклусот на избори што се случуваат на Балканот.
Мојата земја, и другите во ЕУ и во НАТО, инвестираа повеќе животи и многу пари во донесувањето на мирот и стабилноста во Западен Балкан.
Ние остануваме ангажирани и треба да сториме повеќе бидејќи тоа е нашето соседство, а балканскиот мир, стабилност и просперитет се исто толку наши интереси колку што и нивни.

(Ова е говорот на лорд Џорџ Робертсон на Конференцијата на Интерпарламентарната унија за Западен Балкан во Долниот дом на Обединетото Кралство на 10 септември 2018 година. Робертсон беше генерален секретар на НАТО од 1999 до 2003 година.)