СДСМ и партнерите ќе застанат зад Заев за името

Временската одредница „илинденска“ веројатно нема да биде составен дел од новото име на државата. Затоа, пак, на улица „Илинденска“ број 2 во Скопје, премиерот Зоран Заев ѝ објави вчера на јавноста дека преговорите со Грција се во фотофиниш, иако, како што рече, сѐ уште нема конечно решение. Ако компромисот за името биде финализиран во наредните неколку дена, тоа секако ќе биде најголемото достигнување на кабинетот на Заев во изминатата една година од смената на власта. Покрај другите „365 промени во 365 дена“ со кои вчера се пофали премиерот.

„Граѓаните ќе го имаат конечниот глас на референдум. Ама граѓаните чекаат лидерство, а вистински патриоти денеска се тие што обезбедуваат иднина на граѓаните. Сите знаеме дека Македонија по решавање на спорот околу името станува членка на НАТО. Решаваме 25-годишен спор што земјата ја влечеше надолу. Тргнавме напред“, изјави Заев во своето експозе пред споменикот на ослободителите на платото пред владината зграда. Со тоа Заев практично ги најави аргументите со кои во наредните месеци ќе го брани потегот на неговиот тим во однос на надминувањето на долгогодишниот спор.

Владејачката гарнитура ќе треба допрва да ја убедува јавноста дека решавањето на долгогодишниот спор не значи предавство на националните интереси и на идентитетот на државата, туку дека тоа е влог во евроатлантската иднина на Македонија. Таа битка, ќе се води на неколку фронта – прво во парламентот, каде што треба да се ратификува договорот со Атина, како и да се обезбеди двотретинско мнозинство за „уставната ревизија“ што ја бара Грција, а потоа и на терен – за време на кампањата која треба да обезбеди мобилизација на граѓаните и успешност на референдумот за името.

Првиот тест во таа насока премиерот требаше да го има синоќа, на свој терен, односно на седницата на централниот одбор на СДСМ. Според најавите, Заев требаше да ја претстави пред сопартијците „рамката за имплементација на договорот што се очекува да го финализира со грчкиот премиер Алексис Ципрас“.

Со оглед на проценките дека кај раководството, како и кај голем дел од членството на владејачката партија, постои расположение за надминување на спорот кој ги блокира евроатлантските перспективи на државата, не се очекува Заев да наиде на поголем отпор за етапите што следуваат во насока на конечно решение на проблемот со Грција и овозможување реален почеток на проговорите со ЕУ и полноправна интеграција во НАТО. Во тој дел, Заев би требало да ги избрифира сопартијците за тоа како и кога би се спровел референдумот за името и во колкав обем би биле уставните измени за имплементација на предлогот што сега се спомнува како најверојатно решение „Република Северна Македонија“. Од заседанието на највисокиот орган на СДСМ меѓу два конгреса се очекуваше да произлезе и проценка како решавањето на долгогодишниот и деликатен спор ќе се одрази на позициите и на рејтингот на владејачката партија и дали ќе влијае на односите во коалицијата.

Очекувањата се дека договорот со Грција нема да предизвика поизразени превирања ниту меѓу коалициските партнери. Тоа особено се однесува на ДУИ, која уште од времето на коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ се залагаше за затоплување на односите со Грција. Единствен камен на сопнување меѓу СДСМ и ДУИ, како што се оценува, може да биде референдумот, со оглед на заложбите на партијата на Али Ахмети конечното решение за името да се верификува преку парламентот, за да се избегне ризикот да биде неуспешен. Но, соговорници од ДУИ, велат дека партијата, а веројатно и другите политички субјекти од албанскиот блок,не би оделе на бојкот на референдум чија успешност би значела своевидна гаранција за членство на Македонија во НАТО. Отпор кон решението не се очекува ниту од постарите коалициски партнери на СДСМ, како што се НСДП или ЛДП. Според прогнозите, евентуално некои од помалите партии кои влегоа во коалицијата пред изборите во 2016 година (се споменуваат ДОМ и десничарските вонпарламентарни партии), би можеле да заземат критичен став, ама проценките се дека нивното влијание не би било пресудно за прифатливост на решението.

Превратот на опозицијата – тешка мисија

За Зоран Заев, според навестувањата, ќе претставува голем проблем да го убеди во исплатливоста на решението конзервативното гласачко тело, доколку во тие напори не добие поддршка од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Проценките се дека без учество на опозицијата ќе биде тешко, но не и неизводливо да се постигне потребниот одѕив од над 50 проценти од запишаните гласачи на претстојниот референдум. Во таков случај, и референдумот да биде успешен, неговиот резултат би бил опсервиран низ етничка призма. Проблем за верификација на решението за името се проценува дека ќе биде и тврдиот вмровски став за неменување на Уставот, запишан и во партиската програма. Од тој аспект, очекувањата се дека нема да биде едноставна работа да се убедат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да помогнат во обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, особено ако се има предвид дека секој од над 40. опозициски пратеници би можел да се повика на уставниот принцип според кој „пратеникот одлучува по сопствено убедување“.

Превентивната најава на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да прифати решение за името за севкупна употреба е исто така навестување дека договорот со Грција потешко ќе се „продаде“ во десничарскиот табор. Во тој контекст е и „песимизмот“ на поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, околу тоа дали ќе успее најавениот референдум за промена на името.

– Потребен е официјален предлог за да се види како би се гласало за референдумското прашање црно на бело, но не сум сигурен дека ќе и оди лесно на Владата да го убеди народот затоа што резултатите се песимистички според последната телевизиска анкета и поддршката што ѝ ја дава јавноста на власта – изјави Милошоски за „Фактор“.

 

Александра М. Митевска