Свештениците на СПЦ во Црна Гора ќе мораат да полагаат црногорски јазик


Доколку Собранието на Црна Гора го усвои предлогот на Законот за странци, свештениците од црногорско-приморската Митрополија на СПЦ, кои доаѓаат од Србија и Босна и Херцеговина, ќе мора да го полагаат црногорскиот јазик и да приложат потврда дека верската организација за која работат е регистрирана, за да добијат дозвола за привремен престој.

Тој предлог закон предизвика револт кај пратениците од опозицијата кои учествуваат во работата на парламентот, бидејќи веруваат дека се подготвува нов прогон на свештениците на Митрополијата на СПЦ.

Од друга страна, во владејачката коалиција не гледаат ништо контроверзно, како ни во Министерството за внатрешни работи, јави РТЦГ.

Пратеникот на опозициониот Демократскиот фронт (ДФ) Будимир Алексиќ оцени дека Законот за странци е јасно насочен против Српската православна црква, односно Митрополијата, додека Драгутин Паповиќ од Демократската партија на социјалистите (ДПС) изјави дека е точно дека полицијата нема регистар на верските заедници, но затоа има евиденција.

Тој наведе дека по враќањето на независноста, сите верски организации, освен СПЦ, се пријавиле кај црногорските институции.

– Претставниците на СПЦ намерно не сакаат да се пријават во Црна Гора, бидејќи не сакаат со ваквиот чин да ја признаат нејзината независност, а кога нашите државни органи реагираат во согласност со законот, тоа се преставува како прогон, изјави Паповиќ.