Светските лидери жалат за Анан: Беше лидер, ама и пријател

Лидерите на земјите ширум светот и официјалните лица на Обединетите нации, изразија жалење поради смртта на бившиот генерален секретар на светската организација, Кофи Анан, кој почина денеска на 81 годишна возраст.
Генералниот секретар Антонио Гутереш рече дека Анан ја воведе таа организација во нов милениум со достинство и одлучност. „Како и многу други, гордо го нарекував Анан добра пријател и ментор“, изјави Гутереш, додавајќи дека Анан на „многу начини“ бил синоним за ОН.  Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид рад ел Хусеин рече дека Анан бил „пријател на илјадници луѓе и лидер на милиони“.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин изразил сочувство на ОН, семејството на Анан и на земјата од каде потекнува Гана. „Искрено се восхитував на неговата мудрост и храброст, како и способност да носи избалснирани одлуки дури и под најтешки околности“, наведе Путин.
Претседателот на Франција Емануел Макрон наведе на Твитер дека мирниот и одлучен став на Анан нема да биде заборавен, ниту, пак, неговата сила во битките.
Британската премиерка Тереза Меј укажа, исто така на Твитер, на огромниот придонес на Анан во создавањето на светот кој го напушти со подобро место отколку она во кое беше роден. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, наведе дека неговата топлината не треба погрешно да биде протолкувана како слабост. Кофи Анан важеше за „глас на авторитетот и мудроста“. Тој на чело на ОН беше од 1997 до 2006 година, а за хуманитарната работа, заедно со ОН, во 2001 година доби Нобелова награда за мир.