Светска банка-Во 19 земји жените не можат да работат како возачи

Околу 9 милиони жени, почнувајќи од овој месец, можат да застанат зад волан во Саудиска Арабија по историското соопштение во септември лани, со кое се укина забраната за возење на жените. Додека меѓународното внимание често се фокусираше на забраната за возење на жените во Саудиска Арабија, честопати се пропушташе фактот дека и на жените во неколку други земји им беше законски забрането да работат одредени работни места поврзани со возење, објави Светска банка.

Според извештајот за 2018 година „Жени, бизнис и закон“, во 19 земји во светот има законски рестрикции жените да работат во транспортниот сектор на ист начин како мажите. Во земјите како Белизе, Доминика и Нигерија, жените не можат да работат во превозот на стоки или луѓе во текот на ноќта, што е останато од законите од колонијална ера и врз основа на застарените конвенции на Меѓународната организација на трудот (ИЛО). Во земји како Руската Федерација, Белорусија, Казахстан и Узбекистан, многубројни работни места во транспортниот сектор се недостапни за жени. Ако жена во овие земји сака да биде возач на воз, камион, метро или возач на автобус, може да најде дека законот ја спречува, стои во анализата на блогот на Светска банка „Работа и развој“.

Освен традиционалните аргументи за човекови права, постојат многу докази кои покажуваат дека таквите закони го забавуваат економскиот раст и ги оштетуваат бизнисите. Според извештајот, кога има законски ограничувања за вработување на жените, помалку жени работат, а родовиот јаз во платите е поширок.

Во случајот на Саудиска Арабија, дел од владината мотивација за значајните промени во политиката е економски мотивирана. Според „Њујорк тајмс“, саудиските лидери се надеваат дека новата политика ќе ѝ помогне на економијата преку зголемување на учеството на жените: само 22% од жените учествуваат во работната сила во споредба со 79% мажи во Саудиска Арабија. Сепак, сè уште е нејасно дали на жените ќе им биде дозволено да работат како професионални возачи.