Светската банка мора да ѝ се врати на својата мисија


Џефри Сакс

Њујорк – Светската Банка соопшти дека нејзината мисија е да ја искорени екстремната сиромаштија во текот на една генерација и да го зголеми заедничкиот просперитет. Овие цели се универзално договорени како дел од Одржливите развојни цели на ОН. Меѓутоа, на Светската Банка ѝ недостига стратегија за тоа, па сега му се обраќа на Волстрит за да ги задоволи политичките господари во Вашингтон. Претседателот на Банката, Џим Јонг Ким, треба да најде подобар начин за напредок, а тоа може да го направи со навраќање кон еден од неговите најголеми успеси досега.

Јас и Ким имавме блиска соработка од 2000 до 2005 година, кога го оценувавме светскиот опфат на епидемијата на СИДА. Невладината организација „Партнери во здравје“, предводена од Ким и неговиот колега, професорот на Универзитетот Харвард, Пол Фармер, употребуваше антиретровирални лекови за да излекува околу 1.000 сиромашни рурални жители на Хаити заболени од СИДА, на кои им ги вратија здравјето и надежта.

На Ким и на Фармер им укажав уште тогаш, пред 18 години, дека овој нивен успех може да биде проширен и да опфати милиони луѓе, со многу мала цена и со многу висок социјален бенефит. Препорачав нов мултилатерален механизам за финансирање, таканаречен глобален фонд за борба против СИДА, како и нов финансиски напор од страна на САД.

Одржливите развојни цели, покрај ова, повикуваат и на окончување на екстремната сиромаштија и глад, на универзално здравствено осигурување, како и на универзално основно и средно образование до 2030 година. Но, и покрај бавниот процес кон овие цели, Банката не покажува итност или стратегија за да помогне тие да се истераат на прав пат до 2030 година. Токму спротивното, наместо да се остварат овие развојни цели, Банката е практично нема, додека нејзините претставници се забележани како негативно ги коментираат меѓу коридорите на моќта.

Најверојатно американскиот претседател Доналд Трамп не сака да чуе за одговорностите на неговата влада во однос на одржливите развојни цели. Но Ким ја има обврската да го потсети и него, и американскиот Конгрес за овие обврски и за тоа дека баш републикански претседател, односно Џорџ В. Буш, беше тој што креативно и успешно ја водеше битката против СИДА.

Волстрит може да помогне во финансирањето на големи проекти за обновлива енергија, за јавен транспорт, за патишта и друга инфраструктура која може да се исплати преку патарини и други плаќања на трошоци. Партнерството меѓу Волстрит и Светската банка може да помогне и да осигура дека ваквите проекти се здрави за животната средина и фер за погодените заедници. Сето ова би било за доброто на сите.

Сепак, ваквите проекти, дизајнирани за профит или барем со враќање на директните трошоци, не се ни приближно доволни за да се елиминира екстремната сиромаштија. На сиромашните земји им требаат грантови, а не заеми за основните потреби, како здравство и образование. Ким треба да црпи инспирација од неговото искуство како глобален шампион во здравството кој успешно се избори против СИДА, отколку да прифати потег кој само ќе ги закопа сиромашните земји во долгови. Ни треба гласот на Светската банка и нејзините огромни напори за да се мобилизира финансирањето на грантови за одржливите развојни цели.

Здравствената нега за сиромашните земји бара систематска обука и ангажирање на општествени здравствени работници, дијагностика, лекови и информациски системи. Образованието за сиромашните земји бара обучени учители, безбедни и модерни училници, поврзаност со останатите училишта и со онлајн-програмите. Овие развојни цели може да бидат постигнати, но само ако постои јасна стратегија, финансирање преку грантови и јасни механизми за пренесување. Светската банка треба да ја развие оваа експертиза за да им помогне на донаторите и на владите кои ќе ја примат оваа помош да ги разработат овие програми. Ким знае точно како се прави ова од негово лично искуство.

Трамп и останатите светски лидери се лично одговорни за одржливите развојни цели. Тие треба да направат многу повеќе од ова. Исто како што и светски најбогатите ликови, чиј степен на богатство е на историско највисоко ниво. Најбогатите неколку пати добија кратења на даноци и специјални даночни услови, лесни кредити од централни банки, како и исклучиви придобивки од технологии кои ги зголемуваат профитите додека ги намалуваат платите на необучените работници. Дури и со неодамнешниот пад на берзите, над 2.000 светски милијардери имаат околу 10.000 билиони долари богатство – доволно за целосно да се финансира основниот труд потребен за да се оконча екстремната сиромаштија, доколку владите го завршат својот дел исто така.

Кога оди на Волстрит, во Давос или во други светски богаташки центри, Светската банка треба да ги инспирира милијардерите да го инвестираат своето огромно богатство во лична филантропија за поддршка на развојните цели. Бил Гејтс веќе го прави ова за јавното здравство, и тоа со историски резултати. Кои милијардери би ги прифатиле развојните цели за образование, за обновлива енергија, за вода за пиење и санитарна грижа, за одржлива агрикултура? Со јасен план за одржливите развојни цели, Светската банка ќе најде партнери кои ќе помогнат во остварувањето на нејзината основна, историска и витална мисија. (Project Syndicate Copyright)