Саудискиот крал и принцот му изразија сочувство на синот на Кашоги

Саудиска Арабија- Саудискиот крал Салман и принцот Мохамед бин Салман, го повикаа синот на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Салах, и му изразија сочувство, објави саудиска новинска агенција.

Откако негираше вмешаност во исчезнувањето на Кашоги, кому му се губи трагата на 2 октомври откако влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул, Саудиска Арабија во саботата објави дека тој бил убиен во тепачка во зградата.

Во исто време, агенцијата Анадолија јави дека вереницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз е под 24-часовна полициска заштита. Кашоги на 2 октомври влегол во саудискиот конзулат за да земе документи кои му биле неопходни за да се венча со Џенгиз.

Таа со часови го чекала вереникот пред Конзулатот, и откако не се појавил, ги контактирала властите како што Кашоги претходно и кажал да направи.

Откако Саудиска Арабија потврди дека Кашоги е мртов, таа на арапски на Твитер напиша: „Го однесоа твоето тело од овој свет, но твојата прекрасна насмевка засекогаш ќе остане во мојот свет“.

Анадолија инфомира дека Џенгиз е под 24-часовна полициска заштита со одлука на канцеларијата на гувернерот на Истанбул.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека утре ќе објави детали за турската истрага за смртта на Кашоги.