Санчез не замина со Манчестер јунајтед во САД заради проблем со визата

На фудбалерот на Манчестер јунајтед, Алексис Санчез, му беше одбиено барањето за влез во САД, заради изречената судска пресуда во Шпанија.

Откако не доби виза, Санчез најверојатно ќе ја пропушти турнејата на Јунајтед во САД, но од англискиот клуб наведуваат дека се прават напори овој „административен проблем да биде решен“.

Англиските медиуми објавија дека Санчез, кој е чилеански државјанин, не добил виза бидејќи е осуден на условна затворска казна од 16 месеци заради затајување на данок во Шпанија.

Тој е осуден за затајување на данок во висина од 983.000 евра, а според шпанските закони казните пониски од две години можат да се преиначат во условни и осуденото лице да не оди во затвор.

Манчестер јунајтед викендов отпатува за САД, а адвокатите на Санчез очекуваат проблемот да биде решен и тој наскоро да му се приклучи на тимот.