Само две странски компании ќе „осиромашат“ со мерките на Владата

Со вкупна поддршка од 50 милиони евра за следната година ќе почне да се реализира планот за економски раст на Македонија.

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев ја промовираа финалната верзија на овој документ во кој се вградени сите забелешки и предлози од експертите и јавноста дадени на јавните дебати што се организираа во изминатите три месеци.

Планот за економски раст, кој следната година ќе се преточи во законско решение, според премиерот Заев, ќе донесе финансиска стабилност и раст на македонската економија. Со планот се воспоставуваат исти услови за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат подеднакво и во зоните, и надвор од нив. Планот предвидува транспаренти услови и критериуми за поддршка и ќе го поттикнува зголемувањето на соработката меѓу домашните и странските компании, како и зголемувањето на извозот во светот и во регионот.

Поддршката за компаниите за следната година од 50 милиони евра е за 46 отсто повеќе од годинава, а компаниите ќе можат да аплицираат до 30 април.

– Спроведувањето на планот за економски раст ќе овозможи одржлив развој на економијата. Од 2018 година започнуваме процес за финансиска стабилизација и развој на економијата. Дебатата беше многу корисна и можам да констатирам дека имаме финален документ – сериозен план за раст во кој се интегрирани сите забелешки и предлози на експертите и пошироката јавност. Врз основа на овој документ, Владата ќе изработи и предложи законско решение кое ќе го уреди начинот на реализација на овој план на системски начин – информираше премиерот Заев.

Тој кажа дека секој инвеститор самостојно ќе избира за која мерка ќе конкурира за да добие помош. Според него, предвидениот раст на БДП од 3,2 отсто за следната година е реален.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека планот за економски раст се темели на три столба од кои првиот е за поддршка на сите економски оператори, вториот за компаниите што освојуваат нови пазари, а третиот е наменет само за малите и средните претпријатија, кои можат да ги користат и мерките од првиот и вториот столб. За да ги користи мерките, секоја компанија треба да оствари поголем приход во изминатата година од претходните три и да не го намали бројот на вработени.

– Планот за економски раст е подлога која ќе обезбеди раст на економијата и, доколку биде препознаен од инвеститорите, очекувам проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто за наредната година да биде повисок – рече Анѓушев и додаде дека со овој план странските инвеститори што се веќе присутни во земјава ќе добијат повисока поддршка од претходно.

Тоа, како што кажа, го покажале симулациите според кои од 13-те компании присутни во слободните трговски зони, 12 би добиле повисока поддршка, од кои некои и за 214 отсто, а само една пониска, додека од останатите 14 странски компании што работат во земјава само две би добиле пониска поддршка. Тоа, како што кажа, се компаниите на кои им било дозволено да не ги плаќаат социјалните придонеси.

– Програмата за државна помош за компаниите е поставена на јасни критериуми, кои се исти за сите и нема веќе договарање за државна помош по кабинети. Секоја компанија знае што може да очекува – кажа Анѓушев.

Со оваа програма стартува државната помош за компаниите што ќе отворат нови работни места, со која тие ќе добијат поврат од 20 отсто од исплатената нето-плата за работно место таму каде што обезбедиле плата поголема од 300 евра. Планот за економски раст ќе важи пет години.