Самостојна изложба на Страхил Петровски во Уметничката галерија во Куманово

Во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово вечерва ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник Страхил Петровски, насловена „Идентитети“.

По неколкуте самостојни изложби во земјата и странство ова е негово второ претставување во Куманово по 20 години од првата самостојна изложба во 1997 година и е своевиден јубилеј на авторот.

– Изложбата прикажува повеќеслоен циклус во кој се испреплетуваат различни медиум-објекти, инсталации, слики и фотографии, четири тематско поврзани и испреплетени целини заокружени под наслов „Идентитети“. Циклусот е работен во периодот 2016/2017 година. Минатата проектот беше претставен во Националната галерија на Македонија- Чифте амам. Оваа година е надополнет со уште десет нови дела-објекти со што авторот на некој начин го заокружува овој циклус, изјави Драгана Спасковска, кустос во НУ Музеј Куманово.

Стархил Петровски е роден во Куманово. Дипломските студии по сликарство ги завршил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997 година, а во 2000 година ги завршува постдипломските студиии на ФЛУ. Досега реализирал седум самостојни изложби и учествувал на бројни ликовни колонии и симпозиуми во земјава и странство. Добитник на повеќе награди. Неговите дела се наоѓаат во музејски збирки, јавни институции и приватни колекции во земјата и странство.

Член на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001/2007, и на ИКОМ од 2011 година. Работи во Скопје како виш конзерватор во НУ Национален конзерваторски центар. Изложбата ќе биде отворена до 13 декември 2017 година.