Самитот во Давос без „петката“ од Советот за безбедност на ОН

Швајцарија –  Во Давос од утре до 25 јануари се одржува економскиот форум каде ќе бидат светските челници и на кој ќе се зборува за стратегии за иднината и ќе се обиде да се најдат одгвоори за актуелните проблеми. Овогодишниот состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос ќе биде фокусиран на долгорочни глобални проблеми како климатските промени, најавуваат организаторите пред собирот и на кој нема да бидат дел од клучните светски лидери.

Меѓу 3.200 претставници нема да бидат шефовите на држави на САД, Франција Русија и Кина. Ниту еден од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Американскиот претседател откажа присуство во Давос поради блокадата на владата заради изградбата на ѕидот на границата со Мексико, додека неговиот француски колега Емануел Макрон има  работа со протестите на „Жолтите елеци“.

На форумот на бизнис лидери и политичари во швајцарските Алпи, ќе присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, јапонскиот премиер Шинѕоп Абе, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

– Ако погледенете наоколу ќе видите дека сите се фокусирани на средување кризи, вели основачот на WEF, Клаус Шваб. – Во Давос сакаме долгорочен поглед на тоа.

Темата на овогодишниот состанок е: „Глобализација 4.0 – Обликување на светската архитектура во време на четвртата индустриска револуција“.

Високи претставници на меѓународни организации, како што се директорот на ММФ, Кристин Лагард, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на НАТО, Јенс Столтенберг, во Давос ќе се соочат со опасностите од појавата на целосна трговска војна и зголемената политичка тензија помеѓу светските сили, како што беше предупредено од извештајот на Форумот, објавен во пресрет на собирот.

Анкетата спроведена од страна на организаторите на Форумот меѓу илјадниците креатори на политиката, академици и бизнис лидери е, според американскиот „Волстрит Џурнал”, дека кибер-нападите и климатските промени се високо на листата на потенцијални опасности.

Берге Бренда, претседавач на Форумот, затоа, во изјава вели дека повеќе од кога било досега постои итна потреба да се обнови архитектурата на меѓународната соработка.

Но, до 25-ти јануари, околу 3.000 учесници на собирот во Давос тешко дека ќе најдат решенија за тие сериозни глобални ризици. Дури и девет од десет испитаници очекуваат дека односите меѓу водечките светски сили ќе се влошат во 2019 година. Покрај тоа, 88 отсто од нив очекуваат понатамошна ерозија на мултилатералните трговски прописи и договори.

– Се чини дека постои недостаток на колективна волја за справување со глобалните ризици. Наместо тоа, поделбите се продлабочуваат, се вели во извештајот, додавајќи дека колапсот на меѓународната соработка достигна „нивоа на криза” и ќе продолжи да спречува меѓународни акции за справување со кризата во оваа година.

Во Давос ќе учествува и македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев, а во делегацијата се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, потврди за „Независен весник“ владиниот портпарол Муамет Хоџа.

-Имајќи предвид дека Владата годинава ќе се насочи кон креирање политики за уште поголем развој на домашната економија, македонската делегација на Светскиот економски форум ќе се фокусира на остварување контакти и отворање нови можности за економска соработка со развиените земји. Во Давос секоја година на едно место се собира светската економско-политичка елита, а присуствуваат над три илјади светски лидери од сите области. Токму затоа форумот претставува одлична прилика за создавање нови пријателства и продлабочување на соработката со развиените европски, но и светски земји, велат од Владата.

Во рамките на Светскиот економски форум, Заев ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со еврокомесарот Јоханес Хан, како и со други високи гости.

Заев лани, по 15-годишната пауза, за првпат како македонски премиер ја претставуваше земјата во Давос, при што беше придружуван од десетина владини претставници. Таму дојде до првата историска средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што двајцата премиери го скршија мразот за да го решат десетгодишниот спор околу името. Само една година подоцна беа забележани конкретните резултати од тој состанок.