Скромни барања на „Ту челос“ пред концертот во Скопје: Сакаат пак од македонската храна

Скромни се барањата на светската музичка атракција од Загреб „Ту челос“(2 CELLOS) пред петочниот концерт во ВИП Арената „Борис Трајковски“, прв со големо продукциско арена шоу, во организација на „Авалон продукција“, а трет во Македонија. Од пијалоци-вода, сокови, пиво и вино, а од храна покрај италијанската, повторно на мени ја сакаат и македонската храна.

Талентираните и атрактивни виолончелисти Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер пред три години настапија во „Метрополис арената“ во Скопје, а во 2011 година беа дел од фестивалот „Охридско лето“. Во 2015 година ги прими во својот кабинет и им посака добредојде тогашната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска.

Скопје им е една од станиците од последната светска турнеја, насловена по нивниот најнов албум „Score“.

Виолончелистичкото дуо е сензација од 2011 година, по објавата на видеото на „Јутјуб“ во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон.

Изминативе неколку години со својата брилијантна работа успеаа нешто што е навистина реткост во музичкиот бизнис – да се успешни и нивните концерти да се распродадени на сите континенти, и тоа во сите големи светски сали, што до нивното појавување беше незамисливо за една кросовер музичка атракција. (Л.С.)