САД: Уапсено едно лице во врска со сомнителните пакети

Претставници на американското Министерство за правда соопштија дека денеска е уапсено едно  лице во врска со испраќањето сомнителни пакети со цевчести бомби.  Портпаролката на Министерството, Сара Исгур Флорес, рече дека федералните власти на прес – конференција ќе објават повеќе информации.

Претходно, соопштено е дека бројот на сомнителни пакети со експлозивна рачно изработена направа порасна на 12.

Сомнителен пакет денеска беше пронајден на Флорида, а бил адресиран на демократскиот сенатор Кори Букер, како и еден за поранешниот директор на Националната разузнавачка агенција Џејмс Клапер.

Њујоршката полиција истражува и одделни случаи на сомнителни пакети во една пошта во тој град. ФБИ и денеска продолжи да ги истражува случаите на сомнителни пакети со рачно изработени бомби.

Повеќе пакети со импровизирани бомби беа пресретнати во изминатите неколку дена во САД.  Пакетите, меѓу другите, беа наменети за поранешниот претседател Барак Обама, поранешната кандидатка за претседател Хилари Клинтон, како и за Си-Ен-Ен.

Ниту една бомба не експлодира и никој не е повреден.