САД: Во буџетот за 2020 помалку пари за Гласот на Америка и укинување на три сервиси

САД – Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп поднесе предлог буџет за 2020 година кој предвидува намалување на средствата за меѓународни програми за 22 процента, вклучувајќи и укинување на три сервиси на Радио Слободна Европа (РСЕ), како и „прекинување на операциите во Црна Гора и Македонија”. Со буџетот помалку средства се предвидени и за Гласот на Америка и Радио Слободна Азија.

Според тој предлог, буџетот на РСЕ треба да се намали од 124 милиони долари, колку што беше во 2019 година, на 87 милиони во 2020 година.

Намалувањето предвидува сеопфатни мерки на штедење, вклучувајќи укинување на грузискиот, татар-башкирскиот и северно-кавкаскиот сервис во текот на фискалната 2020 година.

Исто така, со предлог буџетот се предвидува и редукција во рамки на балканскиот сервис „прекинување на операциите во Црна Гора и Македонија”.

Истовремено, со предлог буџетот за 2020 година се предвидени помалку финансиски средства за Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и во други емитери на Агенции за глобални медиуми на САД.

Предлог буџетот на Трамп за 2020 година е најголем во историјата на САД и изнесува 4,7 билиони долари, вклучувајќи зголемување на трошоците за одбрана за 750 милијарди долари и 8,6 милијарди за изградба на физички бариери на границата со Мексико.

Предлогот буџетот е испратен до Конгресот на САД, кој има клучна улога во конечната одлука за државниот буџет.