Рускиот амбасадор бара одлуката од референдумот да не биде наметната од надвор

Македонија доживува клучен момент во својата историја, а од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели ќе зависи иднината на Република Македонија, оцени новиот руски амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.

„Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамки на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати однадвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на ООН, а не на политичката конјунктура”, порача амбасадорот Баздникин при предавање на акредитивите кај претседателот Ѓорѓе Иванов.

Македонскиот претседател, пак, истакна дека национален интерес на Македонија се евроатлантските интеграции, но едновремено придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка.

„Оттука, очекуваме натамошно интензивирање на соработката, особено во делот на енергетиката, земјоделството, градежништвото и туризмот, како и инвестициските активности”, рече Иванов.