Русија накратко се исклучува од интернет за да се подготви за сајбер-војна

Русија планира накратко да го исклучи интернетот во целата земја, како дел од подготовките за идна сајбер-војна, објави Би-би-си.

За време на тестот податоците што се разменуваат меѓу руските граѓани и организации ќе останат во рамките на националните граници, наместо да бидат пренесувани на меѓународно ниво.

Законот, во кој се предлагаат технички промени неопходни за самостојната работа на Интернет, пристигна во рускиот парламент минатата година.

Тестот треба да биде изведен пред 1 април, но сѐ уште не е даден прецизен датум. Предлог-законот за Националната програма за дигитална економија бара од руските интернет-провајдери да гарантираат дека тие можат да работат во случај странските сили да се обидат да ја изолираат земјата од интернет.

НАТО и сојузничките земји ѝ се закануваат на Русија со санкции за сајбер-напади и други онлајн-влијанија, за што често е обвинувана.

Предложените мерки во законот предвидуваат Русија да изгради своја сопствена верзија на системот за интернет-адреси, познат како DNS, за да може да функционира ако се прекинат врските со серверите лоцирани надвор од Русија.

Во моментов, 12 организации ги следат DNS серверите и ниту една не е во Русија. Сепак, многу копии од кор-адресите веќе постојат во Русија, што укажува на тоа дека руската мрежа може да продолжи да работат дури и кога би биле преземени казнените мерки за исклучување на земјата од интернет.

Тестот се очекува да ја покаже способноста на руските интернет-провајдери да ги пренасочат податоците до точки за рутирање контролирани од владата. Тие ќе го филтрираат протокот, така што податоците разменети меѓу Русите ќе стигнат до дестинацијата, но тие што се наменети за странски компјутери ќе бидат отфрлени.

Се верува дека во еден дел цел на руската влада е да се создаде систем за масовна цензура сличен на оној во Кина, со кој оваа земја се обидува да го отстрани забранетиот интернет-сообраќај.

Руските новински организации објавија дека националните интернет-провајдери генерално ги поддржуваат целите на нацрт-законот, но се поделени околу тоа како да се имплементираат. Тие веруваат дека тестот ќе предизвика „големи нарушувања“ во рускиот интернет-сообраќај, пишува веб-страницата за вести од областа на технологијата „ЗД нет“.

Руската влада ги обезбедува парите за интернет-провајдерите за промените во нивната инфраструктура и за правилно спроведување на тестот.